СЈО бара осудителна пресуда за Груевски за мерцедесот од 580 илјади евра бидејќи остварил лична желба со народни пари

by Fokus

Осудителна пресуда за екс премиерот Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, побараа обвинителите Стевче Донев и Гаврил Бубевски, во денешниот завршен збор за случајот Тенк, односно за набавката на мерцедесот од 580.000 евра.

– Од изведените докази се утврдува фактичката состојба во обвинението, рече обвинителот Стевче Донев.

Обвинителот појасни дека било јасно дека е фаворизирана компанијата Мак Ауто Старт која била генерален застапник на мерцедес, а со условот возилото да се сервисира во овластен сервисер дополнително се исклучила конкуренцијата бидејќи само оваа компанија била овластен сервисер.

Дека Мак ауто старт била фаворизирана според обвинителот се докажува и од доказите од меѓусебната комуникација на вработени од компанијата кои посочиле дека спецификацијата, односно тендерската документација, ќе била во соогласност со понудата која веќе им ја дале на МВР.

Дека понудата била однапред дадена според обвинителот се докажува и од тоа што таа била препишана во спецификацијата и тоа со сите печатни и технички грешки.

Исто така, една комуникација по меил помеѓу менаџер од Мак Ауто Старт и претставник од фабриката во Германија е видливо дека возилото веќе било спремно и се чувало за Македонија.

-Менаџерот напишал дека од МВР им рекле дека ќе им кажат кога ќе биде објавен тендерот и затоа да го чуваат возилото. Потоа, со друг маил ги известува дека огласот е објавен и сакаат да го купат мерцедесот, истакна обвинителот Донев.

Од завршниот збор се дозна и дека МВР првично планирало да купи старо блиндирано возило бидејќи заклучиле дека новите се екстремно скапи. Но, овој оглас за кој биле планирани 22 милиони денари бил поништен бидејќи немало ниту една понуда. Откако се донело одлука постапката да се повтори, сепак тоа не се случило, бидејќи одеднаш одлучиле да набават ново возило за што предвиделе над 30 милиони денари.

– Иако одлучиле да набават ново возило можеле да одат со истата спецификација од претходниот оглас, но тие ја смениле целосно, бидејќи ако останале на старата немале да можат да набават мерцедес, рече Донев.

Обвинителот потсети на содржината на 8 бомби од кои се слушна како Груевски бара да се набави мерцедесот, а и како вели дека нема да го вози до локалните избори, а кога имало новинари ќе се возел со старо возило, па потоа ке се префрлал во скапиот мерцедес.

Обвинителот Гаврило Бубевски истакна дека парите за мерцедесот се потрошени нерационално, поради избегната конкуренција.

Тој ги демантираше и сведоците на одбраната кои велеа дека старите возила со кои се превезувал Груевски често се расипувале, посочувајќи дека документите за сервисирање на возилата не ја прикажувале таа слика.

Обвинителот Бубевски на крајот истакна дека неспорно е дека обвинетите ги сториле кривичните дела и затоа побара од судот да бидат прогласени за виновни.

Обвинителот од судот побара при одмерување на казната да ги има сите олеснителни и отежителни околности. Како отежителни околности за Груевски ги наведе директната умисла додека вршел јавна функција, како и побудата да оствари лична желба со будџетски средства. Како олеснителна околност пак ја наведе неговата семејна состојба.

В.В.

Поврзани новости