Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата во понеделник на координација ќе го разгледа предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, вицегувернерката г-ѓа Анита Ангеловска Бежовска да биде новиот гувернер на Народната Банка на Република Македонија.

Според координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев личноста која ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери, за да се дојде до заедничко прифатливо решение за гувернер.

„На позицијата гувернер потребно е да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, кој ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата, и кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија. Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата  позитивно гледа на новиот предлог на претседателот Иванов. Лично сметам дека г-ѓа Ангеловска-Бежовска, којашто е докажан експерт и професионалец во својата област,  ја заслужува нашата поддршка“, рече Тунтев.

Тој потсети и дека тие како пратеничка група лани летото го поддржале реизборот на Анита Ангеловска-Бежоска на функцијата Вицегувернерка на НБРМ.

„Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група“, рече Тунтев.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.