Осудените за Диво Насеље на денешната јавна седница во Апалциониот суд ги пречекаа судиите со пцовки и погрдни зборови, кои ги изговараа на албански јазик. На самиот почеток на седницата тие побараа да прочитаат соопштение од три страници, кое го подготвиле заедно.
Ситуацијата ескалираше откако судиите им рекоа дека треба да почекаат за да се заведе се што е потребно во записникот. На тоа осудените одговорија со навреди.
„Вие сте дојденци, а ние сме автохтони. Ова овде е Албанија! Зборувајте на албански“, извикуваа осудените кон судиите.
Тие рекоа дека не го признаваат судот и побараа меѓународна истрага. Откако судиите им посочија дека не е задолжително нивното присуство, тие побараа да бидат изнесени од судската сала и излегоа со полициска асистенција.
Во Апелацискиот суд во Скопје денеска и утре треба да бидат разгледани жалбите на 33-та осудени лица за крвавата престрелка во кумановско „Диво насеље“ во мај 2015 година, во која животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили и десет членови на вооружената група, а 30 лица беа ранети.
Според пресудата на Основниот суд Скопје 1 од 2 ноември 2017 година за терористичкиот напад на 9 и 10 мај 2015 година осудени беа 33 лица.
Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.
По жалбите на 33-та осудени денеска и утре ќе заседава второстепениот суд.