Осудено лице кое било на извршување затворска казна во КПД„Идризово“ на 20-ти овој месец избегал од затвор со службена картичка од затворскиот полицаец, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) денес до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(47) од Скопје, за сторено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода. Тој, во својство на службено лице – вработен во Затворска полиција во КПУ-КПД Идризово Скопје, го ослободил осуденото лице Д.К. од Куманово, овозможувајќи му да избега од установата.“, предвидено и казниво по член 373 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Како што соопшти полицијата Ј.Ј. додека бил на смена го ослободил Д.К., осуден на издржување казна затвор до 2027 година,, кој имал затворен третман од категорија Б2.
„Осуденикот, искористувајќи ја довербата на Ј.Ј., му ја побарал службената магнетна картичка за отворање на безбедносната врата од Отвореното одделение, со образложение дека ќе оди во друг дел од одделението каде претходно бил работно ангажиран. Откако осуденото лице ја отворило безбедносната врата, му ја вратило картичката на сопственикот, а потоа се оддалечило кон ‘зелената капија’. Нешто подоцна, при извршена проверка на бројната состојба, било констатирано дека осуденото лице недостасува, односно дека побегнало од затворот“, соопшто МВР.
МВР соопшти дека истиот ден по девет часот осуденикот во казино извршил разбојништво со закана со пиштол, при што од вработениот одзел пари и избегал.
„За кусо време бил пронајден од полициски службеници и лишен од слобода, а кај него биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело и пиштол“, соопшти МВР.