Осуден за „Диво Насеље“ се правда дека само варел кафе и правел ручек

by fokus

Руфки Догани, еден од осудените за „Диво Насеље“, не пукал во припадниците на безбедносните служби, туку бил задолжен само за варење на кафе и готвење на ручек. Ова денеска на јавната седница во Апелација го кажа адвокатот Еленко Миланов, во одбрана на својот клиент Догани.

-На една од пушките најдена во тоалет во куќа има траги од лицето Руфки Догани. Тој во оваа куќа подготвувал јадење и кафе, а обвинителството со ниту еден доказ или податок не докажа дека тој употребил пушка. Ако на оружјето има епител од Руфки тоа може да значи дека тој само ја поместил пушката“, тврдеше пред апелациските судии адвокатот Миланов.

Според пресудата на Основниот суд Скопје 1 од 2 ноември 2017 година за терористичкиот напад на 9 и 10 мај 2015 година осудени беа 33 лица. Во крвавата престрелка во кумановско Диво Насеље животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, десет членови на вооружената група, а 30 лица беа ранети.

Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.

Сега обвинетите се жалат пред Апелација, која треба да одлучи дали ќе ги прифати нивните жалби или ќе ја потврди првостепената пресуда.

Поврзани новости