Како Србија ќе го реши проблемот со Косово, ќе одлучи Србија, а (претседателот на Северна Македонија) Пендаровски ниту некој ќе го праша, ниту ќе бара негово мислење, порачува српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, јавува РТС.
Тој реагирал на изјавата на Пендаровски во која тој вели дека е против идејата за корекција на границите меѓу Белград и Приштина.
Вулин оценува дека Пендаровски во Македонија малкумина го прашуваат за било што, а уште помалку е битно што мисли за прашањата во соседните земји.
-Претседателот на Северна Македонија, може слободно да молчи на јазикот којшто никој, освен Србија не го признава, а на останатите јазици може уште погласно да молчи бидејќи ниту некој бара, ниту му го прифаќа мислењето, порачал Вулин.
Оваа изјава дека е против идејата за корекција на границите меѓу Белград и Приштина, Пендаровски ја дал за приштинскиот весник „Газети експрес“. Од неговиот Кабинет за весникот рекле дека таквото решение би имало штетни последици за регионот и би го загрозило цел напредок во последните 20 години.
Исто така, одговориле дека Пендаровски ги поддржува напорите на САД и ЕУ за напредок во дијалогот Белград и Приштина и дека се залагаат за компромисен договор кој има силна меѓународна гаранција и придонес за стабилност.