„Од изведеното во документарецот „Убиство во Тетово“, истрагата на Јавното обвинителство за случајот не е целосна и не е ги цени доволно заклучоците изнесени во службената експертиза на германските експерти како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионално постапување на Обвинителството и занемарување околности што може да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица“, велат од Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата.
Од таму додаваат дека на ова се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сè уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 од ЗКП, а притоа во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продолжуван рокот во согласност со ставовите 2 и 3 од истиот член ниту зошто и покрај ова продолжување истрагата не резултира со завршница.
Платформата побара оставка од републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, поради постапувањето на Јавното обвинителство во врска со пожарот во тетовската модуларна болница, каде што 14 лица го загубија својот живот.
Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата доставија и официјално писмено барање за оставка на Јовески до Јавното обвинителство на Република Македонија.