Текстот е објавен на 13 октомври, 2016 година во неделникот „Фокус“ во број 1097
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
На 6 септември годинава, само половина час по полноќ се случи тешка сообраќајна несреќа во која македонски туристички автобус со 39 патници се судри со камион што превезувал јаглен во близина на турскиот град Едрене. Во несреќата загина 45-годишен струмичанец, а потешко беше повредена 52-годишна скопјанка. Со брзина на светлината се прошири веста за сообраќајката, а македонските и турските медиуми беа преплавени со видеа и фотографии од страшниот настан на кои можеа да се забележат уништениот автобус, разлетаните стакла, делови од возилата расфрлани по асфалтот, луѓе заглавени меѓу седиштата, лелеци на сите страни…
Според информациите во медиумите, патниците од кои поголемиот дел биле трговци, тргнале на еднодневна шопинг-тура во Истанбул. На враќање се случила трагичната сообраќајна несреќа. Очевидците на настанот раскажувале дека од силината на ударот, камионот цели 200 метри го влечел автобусот со себе. Тој се забил во приколката на камионот, па морале да интервенираат пожарникарски екипи за да ги извлечат патниците заробени меѓу седиштата. Од камионот истекувала нафта поради што постоела опасност и да се запалат.
Турските медиуми за кратко време ја информираа јавноста и објаснија дека дел од повредените патници се пренесени во три турски болници, во Едрене, Кешан и Малкара, додека возачот на автобусот и возачот на камионот завршија во притвор во Турција. Веднаш по несреќата, претставници на македонскиот конзулат во Анкара ги посетиле повредените патници во трите болници.
Меѓу 39-те патници што биле во автобусот е и 52-годишната Снежана Караџовска од Скопје, која се здоби со најмногу повреди и на која ѝ се ампутирани двете нозе над колената.
ШТО ТИ Е ЧОВЕК, СЕ РАДУВА НА ИНВАЛИДСКА КОЛИЧКА!
Екипа на „Фокус“ ја посети Караџовска на скопската Клиника за ортопедија во четвртокот, само еден ден пред да ја напушти болницата и да замине на домашно лекување. Една недела по тешката сообраќајна несреќа, таа била хоспитализирана во две турски болници, во Кешан каде што ѝ биле ампутирани двете нозе, а подоцна била префрлена во државната болница „Султан Први Мурат“ во Едрене, каде што ѝ биле правени дополнителни испитувања. Откако ја напуштила турската болница, три недели поминува на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Караџовска ни објасни што се случувало таа кобна вечер.
Кога влеговме во нејзината болничка соба, таа нѐ пречека со насмевка, позитивна енергија и со волја за живот, тврдејќи дека иако останала без двете нозе, сепак е среќна што е жива. Како што ни рече, не ѝ било првпат да патува преку фирмата „Бога транспорт“, која е автопревозник, иако најчесто патувала преку друга туристичка агенција. Караџовска има свој бутик и за Истанбул тргнала да набави стока, но патувањето го поместила неколку дена порано сакајќи за 8 Септември, Денот на независноста, со ќерка си Леа да отпатуваат четири дена во Грција, откако таа претходно се вратила од двомесечен престој во Германија.
– Сакав со ќерка ми да се видиме раат, се немаме видено два и пол месеци и да си се посветиме една на друга – вели нашата соговорничка.
Но, несреќата што ѝ се случила не дозволила да ѝ се исполни желбата. Таа се присетува дека на враќање кон Скопје седела на средината на автобусот и дека по целодневниот шопинг била многу преморена, а нозете ѝ биле отечени од пешачење. Батеријата од мобилниот телефон ѝ била испразнета и се упатила кон шоферот на автобусот да го замоли да го приклучи телефонот на полнач. Во моментот додека разговарала со него, некој од патниците се симнал од автобусот и останале две празни седишта напред, зад шоферското место.
– Со шоферот се знаеме со години. Тој ми рече – Слободни се седиштата, нема никаков проблем, слободно седни. Тоа беа помошните седишта до него, од десната страна. Како што бев преморена, легнав, ги испружив нозете и веднаш заспав. Што се случи и како, не знам. Лежев свртена со грб кон шофершајбната. Подоцна разбрав дека сме се судриле со камион со јаглен. Ништо не се сеќавам, меѓутоа ми кажаа дека ударот бил силен, јас многу сум викала, дури пожарникарски екипи го сечеле автобусот за да ме извлечат од него – ја раскажува Караџовска својата потресна приказна за „Фокус“.
Бидејќи очигледно била во бессознание, за својата голгота разбрала од другите патници.
– Ми кажаа дека сум била ептен заглавена, дека го сечеле автобусот за да ме извлечат, а нозете ми биле згмечени. Имало врескање, пискотници, плачење. Страшно и траорно било – вели 52-годишната скопјанка.
Сето тоа е избришано од нејзината меморија, но единствено на што се сеќава е дека се разбудила во болница во Турција, не знаејќи ниту каде е, ниту што бара таму.
– Не знаев што се случило, ама знаев дека немам нозе. Немам нозе над колената. Постепено се будам, ми тежат рацете, ми тежат капаците на очите, но едно сум свесна – дека немам нозе. И, си велам, добро е – „немам нозе, ама жива сум“. Дали е можно некој така лесно да се помири со тој факт? Кога ме ставија првпат на инвалидската количка, јас дури се израдував и заплакав, повторувајќи ги истите зборови „немам нозе, но жива сум“. Тоа е најважно. Еј, што ти е човек, се радува дека е во инвалидска количка – вели Караџовска.
Веднаш по несреќата, откако била примена во болницата, пристигнала конзулката од Македонија во Истанбул, Зерин Абаз, која и по еден месец од несреќата редовно се јавува да ја слушне како е, дали е подобро и дали си отишла дома. Таа цело време ја испрашувала за да види дали се сеќава на нешто и веднаш ги информирала нејзиниот сопруг Горан и ќерка ѝ, кои за два дена по сообраќајката дошле во болницата во Едрене. Таа нема зборови со кои би можела да им се заблагодари на двајца странци, брат и сестра Емел и Хакан Шилахсиоглу, кои секогаш биле тука до неа да ѝ помогнат, како и на медицинската сестра Фатиме Аким, која е од Скопје, но се омажила во Едрене.
СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ УСПЕАМ ДА СИ КУПАМ НОЗЕ
Освен што ѝ биле ампутирани нозете, Караџовска имала и други повреди по телото. Лекарите откриле дека таа има повреда на главата, скршена рака и скршено ребро, па ѝ направиле уште една интервенција за да проверат дали има внатрешно крвавење. По седум дена лекување во турската државна болница, со возило на Брза помош организирано од Македонија таа била префрлена на скопската Клиника за ортопедски болести.
– Кога тргнавме, имав многу големи болки и уште на 15-от километар им реков да ме вратат, дека нема да го преживеам патот до Македонија. За да ми ги смират болките, ми ставаа инјекции и инфузии, но, сепак, тоа не се издржуваше. Кога стигнавме во Скопје, ме доведоа на Ортопедија, каде што останав уште три недели – вели Караџовска.
Покрај сведочењето за личното премрежие, Караџовска за „Фокус“ ги споредува и условите во кои работат лекарите и болничарите во Турција и во Македонија. Иако е задоволна и од лекарите и од медицинскиот персонал во Македонија, сепак додава дека за разлика од оние во Турција, тие немаат основни услови за работа.
– Немаат никакви лекови, инфузии, анестезија. Ми ги вадеа конците на нозете без анестезија. Не можам да ви опишам какви болки се тоа. Полудев од болки. Ја кренав болницата од викање. Едвај издржав. Персоналот е супер, ама нема со што да ги лекуваат пациентите. Сѐ си купував. Почнав да се шегувам дека поради тоа што немаат со што да ги лекуваат пациентите, почнуваат луѓето и духовно да ги лекуваат – додава 52-годишната скопјанка.
Пред да си замине од болницата, од социјалното Караџовска добила инвалидска количка, која, како што вели, воопшто не може да ја користи затоа што не е прилагодена на нејзините домашни услови.
– Како можеа да ми дадат таква количка? Дали се свесни дека со неа ништо не можам да направам, односно не можам ниту во бањата да влезам, да се искапам, зашто за тоа треба да се сруши вратата. Тие ги даваат инвалидските колички без пари, но јас требаше да изберам каква што одговара на моите услови, а не да ми дадат нешто што не може да го користам. Целиот живот ми се менува од корен – се жали Караџовска.
Од болницата ѝ рекле дека треба да почне со рехабилитација и да се навикне на новиот начин на живот.
– И покрај сѐ што ми се случи, имам волја за живот. Морам да си го гледам детето. Се надевам дека еден ден ќе успеам да си купам нозе и да продолжам со исто темпо во животот како досега – вели скопјанката.
ШОФЕРОТ НА АВТОБУСОТ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР ДО СУДЕЊЕТО
По еден месец од сообраќајната несреќа, 50-годишниот Зоран М., шоферот што го управувал автобусот, сѐ уште е во притвор во Турција. Во меѓувреме, турските власти ја продолжуваат истрагата за сообраќајката. Според досегашните резултати, несреќата ја предизвикал возачот на автобусот кој, според полицискиот увид, возел над дозволената брзина и со десната страна на автобусот се забил во камионот пред него. Тој, како и возачот на камионот дале исказ пред надлежните, но во притвор е задржан единствено македонскиот државјанин. Шоферот останува во притвор сѐ до закажување на судскиот процес.
Во таков случај, на македонска територија не се покренува никаква истрага, ниту, пак, се покренува некаква постапка за негово префрлување тука. Овие информации за „Фокус“ ги потврдија и од Основното јавно обвинителство.
– Јавното обвинителство на Република Македонија нема надлежност да покренува истрага за сообраќајна несреќа што се случила на територијата на Република Турција – се наведува во писмениот допис од ОЈО.
Од друга страна, пак, скопската фирма „Бога транспорт“, која превезува патници, не се води како туристичка агенција, туку како автопревозник. Во таков случај, сите патници со билетот за патување автоматски добиваат и патничко осигурување, што значи дека за сообраќајка во која има загинати и повредени, патниците и нивните семејства треба да добијат отштета од државата. Ако оштетениот не е задоволен од понудената сума, тогаш треба да покрене судски процес.
Караџовска вели дека веќе почнале да ја контактираат адвокати за да го разгледаат и тој дел, каква сума ѝ следува како оштетена во тешката сообраќајна несреќа.
– Сега дојдов до документите, ја добив отпусната листа од болницата и треба да поднесам барање до осигурителната компанија. Тие ќе ми понудат одредена сума, но за тоа се уште не сум размислила бидејќи по се што ми се случи, немав ни време, ни простор за тоа. Сепак, планирам од осигурувањето што ќе го добијам, да си купам нозе – вели 52-годишната скопјанка.
Рамка:
СОПРУГАТА НА ШОФЕРОТ МЕ ПОСЕТИ ДВАПАТИ ВО БОЛНИЦА
Караџовска објаснува дека сопругата на шоферот на автобусот ѝ била дури двапати во посета во болницата.
– Цело време жената плаче, што е виновна таа – вели нашата соговорничка.
Таа објаснува дека поради фактот што живее на трети кат во зграда во која нема лифт, а ќе мора да се движи со инвалидска количка, има намера да се обрати до градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски ако може да се најде некакво решение за нејзиниот проблем.
– Сега доаѓаат избори, можеби ќе искористам гужва да ми помогнат во оваа тешка ситуација – вели Караџовска.
Рамка:
ТУРСКАТА ДРЖАВНА БОЛНИЦА Е ПРИМЕР КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО
Според нашата соговорничка, за разлика од државните болници во Македонија, болниците во Турција се чисти, изгледаат убаво и ги имаат сите услови за работа.
– Таму има кревет за болниот, но и за неговиот роднина, фрижидер, телевизор во секоја соба… Во болницата имаше една девојка, која знаеше англиски и која ми помагаше цело време додека дојдоа моите. Не можам да ви опишам колку сум им благодарна. Немав ништо со мене, бев целата приклучена на апарати, таа ми купуваше пижами, ми носеше храна…