Седумината осомничени за случајот ,,Делчевски ниви” се уапсени и однесени во полициска станица, откако денеска Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против нив.
Поточно, ги гони за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи. Седумтемина, од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани.
Како што дознава ,,Фокус”, осомничените најверојатно утре ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а засега е непознато дали обвинителството ќе бара притвор.
Според Управата, осомничените успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат.
„Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ЕВН-Електрани Македонија свесно и со однапред утврдена намера со изготвување на анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намена за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени кои не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица-продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи, врз основа на која одлука се склучени договори со четвртопријавениот, петтопријавениот, шестопријавената и седмопријавениот. И по основа на таквите штетни договори првопријавениот и второпријавениот овозможиле на сметките на четвртопријавениот, петтопријавениот и шестопријавената од ‘ЕВН електрани Македонија’ ДООЕЛ Скопје да се исплатат парични средства во вкупен износ од 99 431 060 денари за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува вкупно 2 146 723 денари“, соопшти Управата.
Четвртопријавениот, петтопријавениот, шестопријавената и седмопријавениот, пак, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да помогнат во реализацијата на кривичните дела извршени од страна на првопријавениот и второпријавениот, а по добиени насоки, совети и упатства од третопријавениот, во периодот од 01.09.2021 година до 17.09.2021 година склучиле вкупно деветнаесет договори за дар на недвижен имот со повеќе физички лица, кои договори во својата суштина се договори за купопродажба на недвижен имот, имајќи предвид дека на лицата дародаватели на денот на склучување на договорите им биле исплатени парични средства во кеш со средства обезбедени од страна на третопријавениот, а таквото склучување на фиктивни договори за дар било со цел и намера пријавените лица да ја избегнат обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за продажба на земјоделско земјиште, со што ги ограничиле законски пропишаните права на одредена група на субјекти да го остварат законско даденото право на првенство кога станува збор за купопродажба за земјоделско земјиште и со таквото склучување на фиктивни договори за дар пријавените лица, свесно и со однапред утврдена намера, ја исклучиле можноста трета страна да се јави како купувач на конкретните земјишта, а се со цел пријавените лица да бидат единствени потписници на договорите за купопродажба на недвижен имот со „ЕВН електрани Македонија“ ДООЕЛ Скопје и паричните средства согласно склучените договори за купопродажба да бидат исплатени на нивните лични банкарски сметки.
„Со претходно наведените дејствија, првопријавениот и второпријавениот, во својство на управители на ‘ЕВН Електрани Македонија’ ДООЕЛ Скопје, помогнати од страна на третопријавениот, свесно и со однапред утврдена намера, ги извршиле кривичните дела кои им се ставаат на товар и со таквите инкриминирани дејствија овозможиле четвртопријавениот, петтопријавениот и шестопријавената да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 99 431 060 денари“, соопштија од Финансиската полиција.
В.В.