Пендаровски: Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките

by fokus 18:09
18:09

Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Северна Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Во интервју за Еуроњуз, Пендаровски изјави дека потребно е да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Унијата, а не да се дискутира за 19 или 20 век.

– Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец“. Во ситуацијата со Грција, дадовме можност, ако сакате да се идентификувате како етнички Македонец, можете да го направите тоа. Ако некои луѓе во Грција денес велат дека се Македонци, имаат право на тоа. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем, вели претседателот Пендаровски.

Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.

– По Втората светска војна, особено во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, луѓето почнаа да зборуваат за Македонија како измислен нација, за чудо создадено со декрет на Тито. Така што навистина мислам дека бугарските политичари, како и обичните граѓани, Македонците ги доживуваат како етнички Бугари или барем веруваат дека ние сме биле такви до крајот на Втората светска војна. Како и за македонскиот јазик, кој е познат и признаен во целиот свет, дека бил само дијалект на бугарскиот, рече Стево Пендаровски во интервју за Еуроњуз.

Поврзани новости