Осомничените во „Талир“ тактички избегнале распит со цел да оневозможат СЈО да покрене обвинение

by fokus

Никола Груевски, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер тактички не се одзвале на поканите во очекување дека поради тоа СЈО нема да може да покрене обвинение за случајот „Талир“, велат за НОВАТВ извори од Специјалното Јавно обвинителство.

Бидејќи тројцата досега не биле ниту еднаш запознати со истражните наоди на СЈО, обвинителството нема време да ги исполни законските претоиставки за покренување обвинение.

Од СЈО порачуваат дека истрагата продолжува и покрај тоа што обвинетите не доаѓаат на распит. Сепак, можноста да не се поднесат обвиненија за „Талир“ и понатаму останува. Оттаму сметаат дека обвинетите намерно не се појавувале на распит, затоа што не може да се достави обвинение ако немало испрашување на главните осомничени.

Осомничените треба да добијат известувања со кои се повикуваат на  увид во доказите или да добијат препис од нив. Потоа имаат рок од 15 дена да предложат прибирање други докази. Бидејќи остануваат само четири дена до истекот на рокот за подигнување обвинение, поради овие процесни причини случајот „Талир“ нема да стигне до судот.

Станува збор за првата истрага на СЈО за кривичното дело „перење пари“ под името „Талир“, кое се однесува на финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Во истрагата беа осомничени 14 лица, а првоосомничен беше лидерот на партијата, Никола Груевски. Според доказите до кои дошла истрагата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата заради зацврстување на политичката моќ во партијата и државата.

Се очекува деновиве СЈО да соопшти за кои случаи ќе подигне обвиненија.

Поврзани новости