Осомничениот за атентатот на Роберт Фицо, наводно го подготвувал нападот неколку дена, пред да го застрела словачкиот премиер и тешко да го рани.
Напаѓачот, Јурај Ц. (71) е обвинет за обид за убиство од одмазда против заштитено лице. Според локалните медиуми, на Јуриј Ц.(71) од Левица му се заканува казна од 25 години до доживотен затвор.
Тоа што од одмазда нападнал службено лице, односно заштитено лице, има отежнувачки околности кои можат да одлучуваат за конечната висина на казната.
Атентатот се случи вчера нешто пред 15 часот, кога Фицо се приближил до група луѓе кои го чекале по состанокот на владата. Напаѓачот наводно испукал пет истрели, од кои три го погодиле премиерот.
Тој со хеликоптер беше префрлен во болницата во Банска Бистрица, каде му била извршена операција и неговата состојба е тешка.
Во видеото кое се појави на социјалните мрежи, осомничениот вели дека атентатот го извршил затоа што не се согласувал со потезите на владата на Фицо во претходните месеци. По пукањето, полицијата го уапсила.
Инспекторите го поминале сантиметар по сантиметар местото на злосторството.
„Со 3Д скенер го скенирале не само местото на пукањето, туку и околината. Околу 23 часот Јурај Ц. бил донесен во неговиот автомобил, со кој дошол во градот“, пренесува телевизијата Маркиза.
Полицијата го пребарала автомобилот и во него, како што пренесува телевизијата, го пронашла неговиот мобилен телефон. Возилото потоа било запленето од страна на истражителите.
Ја пребарале и станбената зграда во која живеел Јурај Ц. заедно со сопругата. Полицијата оттаму ја однела на безбедно место во средата навечер за нејзина заштита.
Маркиза, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека Јурај Ц. пред полицијата изјавил дека нападот го планирал неколку дена однапред. Наводно планирал да го повреди премиерот, но не сакал да го убие. Тој легално го поседувал пиштолот со кој пукал во премиерот повеќе од 30 години.
Медиумите пренесуваат дека Јурај рекол дека е „горд“ на тоа што го направил.