Принципи или интереси

Во политиката верно се почитуваат интереси, но често се прекршуваат принципи, а еднаш прекршен принцип, како што беше принципот „победник со победник“, веќе воопшто не може да се смета за принцип и не важи!

by Фокус

Откако ДУИ го прекрши Мајскиот договор, го загуби правото да се повикува на правилото „победник со победник“ при формирањето на идната влада, па затоа смисли нов наратив, втемелен врз контрола на т.н. Бадентеровото мнозинство. Зошто ДУИ инсистира да биде дел од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ако навистина, како што велат, оваа партија негува шовинистичка реторика кон Албанците и спроведува проруска агенда?

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Со зовриени страсти и тензии, но без посериозни инциденти, завршија двојните избори, кои резултираа со избор на нов претседател на државата, откако, и покрај тоа што се спроведуваше (тивок) бојкот, сепак, се постигна цензусот за излезност од 40 проценти.

Како што се очекуваше и по првиот изборен круг, Гордана Силјановска-Давкова ја запечати убедливата победа над противкандидатот Стево Пендаровски, освојувајќи над половина милион гласови.

Воедно, опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја потврди фаворитската улога и успеа да освои 58 пратенички мандати, што е за повеќе од 3 пати во споредба со СДСМ, која падна на алармантни 18 пратеници.

Дури, тоа е заостанување и во однос на граѓанскиот фронт на чело со ДУИ, кој се прогласи за победник во албанскиот кампус со добиени 19 пратеници. Но, тоа може да се смета за Пирова победа, со оглед дека на добар пат кон Илинденска е ВЛЕН, која освои 13 пратеници.

За комплетирање на постизборниот пејзаж, вреди да се истакне дека парламентарни партии со пратенички групи ќе станат Левица на Димитар Апасиев и ЗНАМ на Максим Димитриевски. Но, тука мора да се напомене дека Левица бележи раст во споредба со учинoкот на нивната претседателска кандидатка Билјана Ванковска.

Наспроти тоа, ситуацијата со ЗНАМ е обратна, бидејќи оваа најмлада партија на политичката сцена на парламентарните избори помина полошо во споредба со резултатот на партискиот лидер во трката за избор на шеф на државата.

Во секој случај, со вакви почетни позиции, политичките субјекти влегуваат во разговори за формирање нова влада. Ако се земе предвид комплементарноста на главните пораки, Христијан Мицкоски како мандатар ќе се обиде да формира влада со ЗНАМ, како и со ВЛЕН, каде што гравитираат албанските опозициски лидери Арбен Таравари, Биљал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.

Имајќи ги предвид освоените гласови, претворени во пратенички мандати, оваа потенцијална коалиција би имала стабилно парламентарно мнозинство, кое би било на граница на двотретинско мнозинство, што, ако се постигне, ќе овозможи спроведување на дел од најавените системски промени, како реорганизација на државната управа, намалување на парламентот и сл.

Ако СДСМ уште по првиот круг на претседателските избори се помири со изборниот пораз, па почна да бара што поголема доверба од граѓаните, не за да продолжи да владее, туку да биде силна опозиција и контролор на новата влада, веќе по вториот круг најави внатрепартиски избори и прочистување.

Паралелно со тоа, очигледно е дека ДУИ тешко се помирува со преселбата во опозиција. Во таа насока, од Мала Речица до крај ја засилуваа воинствената реторика, која, за волја на вистината, се хранеше со сличната реторика на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа можеби им донесе повеќе гласови, но дали ги факторизира при идните постизборни комбинаторики?

Во тој контекст, треба да се направи една хронологија на настаните… На првите парламентарни избори по конфликтот во 2001 година, кои се одржаа во 2002 година, очекувано победи ДУИ, која произлезе од ОВК или УЧК, откако оваа дотогаш паравоена структура одлучи да се вклучи во официјалниот политички живот.

По овие избори, ДУИ стана дел од влада предводена од СДСМ, која успеа да обезбеди кандидатски статус за членство во ЕУ, признавање од САД под тогашното уставно име Република Македонија итн. Сепак, спроведувањето на Рамковниот договор политички го наплати ДУИ, но цехот го плати СДСМ.

Веќе на следните парламентарни избори во 2006 година, СДСМ загуби од ВМРО-ДПМНЕ, која успеа да се рехабилитира со ново лидерство и да се крене на бранот на незадоволството од територијалната реорганизација, со која Скопје стана двојазично, а Кичево и Струга доминантно албански општини.

Арно ама, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не прави влада со ДУИ, иако таа победи во рамки на албанскиот блок, туку го реафирмираше старото сојузништво со поразената ДПА. На тој начин, ДУИ како победник остана во опозиција, меѓутоа преку континуирани граѓански протести и институционални блокади го парализираше нормалното функционирање на системот.

Во такви околности, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го постигнаа добро познатиот Мајски договор, кој предвидуваше владата да ја формираат победниците во, условно кажано, македонскиот и албанскиот кампус. Практично, овој договор за првпат се реализира по изборите во 2008 година.

Тогаш, ВМРО-ДПМНЕ формираше влада со ДУИ, откако интегративците успешно ја преживеаја изборната „касапаана“ во режија на нивниот сегашен партнер Мендух Тачи. Иако првично беа непожелни еден за друг, партнерство ВМРО-ДУИ солидно функционираше и се надградуваше цели 10 години.

Поточно, така беше сè до пресвртните избори во 2016 година по кои ДУИ одлучи да го растури пактот со ВМРО-ДПМНЕ и да формира влада со СДСМ, иако тогаш Никола Груевски победи со двајца пратеници плус. Всушност, со овој потег, ДУИ го прекрши Мајскиот договор, кој една деценија претходно самата го заговараше, со цел да не се заобиколува и потценува волјата на албанските гласачи.

И покрај тоа, интегративците оценија дека таков чекор мора да повлечат под притисок на лошиот изборен резултат што го освоија поради создадената перцепција дека се подредени во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Но, имаше уште еден аспект зошто ДУИ одлучи да ги предизвика или осигури политичките промени…

Едноставно, партијата одигра по нотите на меѓународната заедница, која сметаше дека влада предводена од СДСМ ќе има пофлексибилен и порационален пристап во меѓународната политика.

Впрочем, оваа проценка се покажа како точна, ако се знае дека новата влада на СДСМ и ДУИ го реши спорот за името со Грција и обезбеди членство во НАТО, а потоа доби и преговарачка рамка за членство во ЕУ, иако преговарачките поглавја не се отворија поради неисполнување на условот за уставни измени.

Меѓутоа, јасно беше дека оттогаш Мајскиот договор веќе не важи и никој нема обврска да го почитува, бидејќи еднаш прекршен принцип, како што беше принципот „победник со победник“, веќе воопшто не може да се смета за принцип и не важи.

За потсетување, тоа го имаше на ум и поранешниот премиер Зоран Заев, кој дојде на власт, меѓу другото, и со помош и на ДУИ, но веќе на следните избори во 2020 година водеше кампања „ДУИ во опозиција“. Притоа, ДУИ одговори со кампањата „Албанец премиер“, што им обезбеди нова победа во албанскиот блок со значително подобар резултат.

Сепак, кога ќе се земеше предвид распоредот на силите во тогашниот парламент, победничката коалиција на СДСМ, која имаше двајца пратеници предност од онаа на ВМРО-ДПМНЕ, можеше да направи влада само со ДУИ. Друга математичка равенка и формула немаше, бидејќи СДСМ и тогашната албанска опозиција беа далеку од 61 пратеник, а за коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаше никаков амбиент.

Поради тоа што беше неодминлив фактор, ДУИ скапо го наплати учеството во новата влада, добивајќи моќни ресори, но и пресудно влијание врз клучните политички и економски процеси, поради што многумина партиски функционери почнаа да демонстрираат самоволие, ароганција и моќ.

Како поинаку да се протолкува играњето фудбал и кошарка во вицепремиерскиот кабинет на Артан Груби? Дури и тогашниот премиер Димитар Ковачевски почна да го критикува тој чин, но веќе беше доцна, бидејќи ДУИ премина на уште повисоко ниво, како што беше случајот со симулацијата на тотална власт.

Па така, исто како во периодот 2002-2006 година, фактурата ѝ беше испорачана на СДСМ, која делумно и поради перманентните напади од опозицијата, во јавноста беше доживеана како сервилна кон ДУИ и како спотер во владејачката композиција.

Значи, уште на изборите во 2020 година беше јасно дека ДУИ ќе остане во опозиција ако СДСМ има можност со албанската опозиција да формира влада, но на власт ги остави голата математика, а не веќе пропаднатиот Мајски договор.

Па, сосема очекувано е дека овој договор не може да им помогне да останат на власт и сега, дотолку повеќе што ВМРО-ДПМНЕ има бројки, не само да формира влада без нив, туку и да стигне до двотретинско мнозинство од 80.

Свесни дека немаат основа да се повикуваат на правилото „победник со победник“, бидејќи самите го прекршија, во Мала Речица смислија нов наратив, кој во суштина се сведува на поентата дека повторно мора да бидат дел од владата.

Имено, интегративците го извадија на површина Бадентеровото мнозинство, кое, според нив, новата влада мора да го контролира ако сака да обезбеди непречено функционирање на системот и институциите. Што поточно ДУИ сака да каже со ова?

Инаку, Уставот предвидува дека владата со избира со мнозинство од 61 пратеник и за тоа не е потребно Бадентерово или т.н. двојно мнозинство, што подразбира мнозинство од „помалите“ етнички заедници. Но, тоа е потребно за усвојување закони од областа на културата, образованието, јазиците, симболите и други акти што ги тангираат меѓуетничките односи.

Оттука, ДУИ објаснува и предупредува дека ако тие останат во опозиција, новата влада нема да го контролира ова мнозинство, што ќе донесе одредени дисторзии во системот.

И, со оглед дека на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ нема многу припадници на „помалите“ етнички заедници, може навистина да се случи новата влада да нема Бадентерово мнозинство, бидејќи албанската опозиција ВЛЕН има неколку пратеници минус во однос на ДУИ.

Меѓутоа, треба да се има предвид дека повеќе припадници на малцинствата има на листите на СДСМ, која најавува дека ќе биде конструктивна и одговорна опозиција и ќе поддржува системски и реформски закони, што хипотетички значи дека СДСМ може да го обезбеди ова мнозинство во корист на идната влада.

На крајот на краиштата, идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ може да одлучи да функционира и без ова мнозинство, доколку оцени дека тоа е помала цена што ќе ја платат отколку да ја остават ДУИ во владејачката коалиција.

Доколку се земат сите предизборни тврдења на ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ е извор на криминал и корупција во државата, тогаш како би формирале идна влада токму со ДУИ, дотолку повеќе што таа влада треба да има амбициозна реформска, но и антикорупциска агенда? Од друга страна, пак, крајно контрадикторни се заложбите на ДУИ да бидат дел и од идната влада по секоја цена.

Од политички, програмски, па и од етички аспект, крајно природно би било ДУИ да биде дел од влада со СДСМ, имајќи предвид дека двете партии коваа план и за предизборна коалиција, бидејќи споделуваат иста визија за стратешките цели.

Но, како, односно зошто ДУИ би сакала да биде дел од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно од партија што самите ја обвинуваат дека негува шовинистички пристап кон Албанците, како и дека спроведува проруска агенда? Нели пологично би било самите да се дистанцираат од ваков субјект?

Доколку се земе во обѕир сложената конфигурација на државата од политички, етнички, па и од уставно-правен аспект, нема дилеми дека за поголема стабилност и предвидливост најдобро е владата да ја предводат победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок. Но, и во тој поглед веќе се измешаа картите, бидејќи не може јасно да се одреди кој е победник во овие блокови.

Како што е познато, овие етнички граници прво ги избриша СДСМ, кога во 2016 година освои десетици илјади албански гласови, кои им помогнаа да дојдат во ситуација да формираат влада. Сега, пак, овие етнички бариери ги руши и ДУИ со формирање коалиција со 9 партии кои застапуваат 4 различни етнички заедници.

Исплашени од обединувањето на албанската опозиција, која беше спонзорирана од влијателниот косовски премиер Албин Курти, Али Ахмети ја формираше оваа интеретничка коалиција, со цел да излезе како победник во однос на ВЛЕН. На крајот така се случи.

Истовремено ДУИ ѝ даде адут на албанската опозиција да се претставува како единствен претставник на албанскиот народ, па и за победник во албанскиот камп. А, истиот аргумент веќе го користи и ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека единствената коалиција што побара и доби гласови исклучиво од Албанците е ВЛЕН.

Врз основа на сето тоа, јасно е дека ДУИ сам си ги изби сите аргументи за да се одржи во власта, бидејќи, пред сè, сама го прекрши правилото „победник со победник“. Но, дури и да успее да го воскресне ова правило, дискутабилно е колку може да се прогласи за чист победник во албанскиот табор, бидејќи секогаш ќе виси дилемата колку од гласовите се гласови на Албанците, а колку на Турците, Ромите и Бошњаците.

Згора на тоа, има уште една работа. Пред да се изборат за правилото „победник со победник“, од ДУИ тврдеа дека тоа овозможува да имаат смисла изборите во албанскиот блок и да се спречи волјата на македонските партии да избираат подобен албански партнер.

Ако е така, зар не треба да имаат смисла и изборите во македонскиот блок, а не „помал“ партнер при специфичен распоред на сили да одлучи да ја турне победничката коалиција во опозиција и без таа партија да се решаваат крупни прашања? Ако едното е мајоризација, нели при второто има елементи на аперхејт?

Се разбира, сето тоа се наративи кои делумно имаат основа, а делумно се препакувани според политичките интереси, кои дефинитивно се посилни од сите пишани и непишани принципи и правила. По сè изгледа, владите сега и во иднина ќе се формираат според она што го допуштаат бројките, но и во корелација со преференциите на политичките субјекти и компатибилноста на програмите.

Она што е факт, во следниот период ќе се тестира тезата дали ДУИ од опозиција ќе излезе посилна, како што се случи од опозицискиот престој од 2006 до 2008? Или, пак, овојпат можеби ќе има поинаква разврска, односно партијата ќе почне да тоне?

Ако ДУИ успешно ја продаде приказната кон Албанците дека нивниот глас повторно се игнорира, дека Албанците се предмет на надгласување итн., тоа секако може да биде тригер за зголемена мобилизација, која би се канализирала преку антивладини протести, што во крајна инстанца би резултирало и со релативно брзо издејствувани избори.

Од друга страна, многумина сметаат дека ДУИ не е во иста кондиција како порано, дека Ахмети и неговите соработници се потрошени и компромитирани, дека бројните корупциски афери оставиле негативен белег врз имиџот на интегративците. Поради тоа, се проценува дека дел од структурите на ДУИ би се разлевале кон Меџити и другите сега опозициски, а утре владејачки партии.

Всушност, албанската опозиција има теорија дека ДУИ прво мора да замине во опозиција, па дури потоа да биде поразена на избори, бидејќи, според нив, тоа е невозможно ако претходно не се сосечат нивните инсталации во институциите.

Токму тоа беше целта кога по локалните избори, албанските опозициски партии влегоа со ВМРО-ДПМНЕ во операција на рушење на владата на СДСМ и ДУИ, но не за да се оди на брзи избори, туку да се изгласа недоверба на постоечката и да се формира нова влада.

Сепак, тогаш власта се спаси и не видовме како ДУИ ќе „плива“ во опозиција, но по сè изгледа тоа ќе го видиме наскоро. А, конечната битка од која ќе зависи иднината на ДУИ најверојатно ќе се одржи на следните локални избори.

Поврзани новости