Осомничен за убиство во Грција уапсен во Македонија

by Fokus

Пакистанец осомничен за фемицид, односно за убиство на неговата девојка во Грција, синоќа, заедно со група нелегални мигранти бил откриен и уапсен во Македонија и предаден на грчките власти, јави дописничката на МИА од Атина.

Пакистанецот на околу 20- годишна возраст беше главниот осомничен за убиството на неговата 17-годишна девојка, што се случи во вторникот во атинска населба и оттогаш му се изгуби секаква трага.

Преку тесната и континуирана соработка на полициите на двете земји, резултираше со апсење на осомничениот Пакистанец.

Од грчкото Министерство за цивилна заштита во чија надлежност е полицијата, соопштија дека имале информации дека осомничениот се наоѓа во северна Грција, со цел да избега во некоја од земјите од централна Европа.

 -Полициските власти во северна Грција веднаш стапија во контакт со соодветните служби од балканските земји и постоеше континуирана и тесна соработка, а се зајакнаа и контролите на граничните премини. Како резултат на засилените контроли, беше откриена група нелегални имигранти во Северна Македонија, во која е утврдено дека беше и осомничениот сторител на грозоморното убиство, соопштија од надлежното грчко Министерство.

Пакистанецот е веќе предаден на грчките власти, а министерот за цивилна заштита на Грција, Такис Теодорикакос преку социјалните мрежи информираше дека „осомничениот за убиството на 17-годишната Николета во Атина, ќе биде изведен пред надлежниот обвинител“.

Поврзани новости