Џек Ма, основачот на платформата за интернет трговија Алибаба даде поддршка за кинеската работна пракса, позната како „996“, односно работно време од 09 до 21 часот, шест дена во седмицата, која во последно време е сè почеста во големите кинески технолошки компании.
„Доколку работиме нешто што сакаме, 996 не е проблем“, напиша Ма на својот блог. „Доколку не ви се допаѓа тоа што го работите, тогаш секоја минута е мачење“, појасни тој.
Но, коментарите на Ма веднаш наидоа на критики на кинеските социјални мрежи.
„Дали некогаш сте размислувале за постарите лица на кои им е потребна нега или за одгледување деца?“, напиша еден корисник на мрежата Веибо. „Доколку сите фирми ја преземат праксата 996, тогаш никој веќе нема да има деца поради недостиг на слободно време“, е аргументот на друг корисник.
Кинеските државни медиуми упатија критика до фирмите кои вршат притисок врз вработените по цели денови да минуваат на работното место.
„Чесна и тешка работа и посветеност на работното место значи принудување на прекувремена работа“, објави весникот „Пиплс дејли“. „Принудна пракса 996, односно прекувремена работа, не само што значи ароганција на деловните менаџери, туку е и неправедна и непрактична“, оценува весникот.
Потоа Ма појасни дека не му била намера да ја брани таа пракса, туку само сакал да ги пофали вработените на кои толкавиот број работни часови не им претставуваат проблем.
– 996 не е само прекумерна работа, вели Ма, дополнувајќи дека секој има право да го избира сопствениот животен стил, но дека оние кои работат помалку часови „нема да ја вкусат среќата и наградата на напорната работа“.
Тој потенцира дека секој иден вработен во Алибаба треба да биде подготвен да работи 12 часа дневно ако сака да успее.
– Во спротивно не треба да ни се придружувате. Не ни недостасуваат такви кои сакаат комотно да ги одработат своите осум часа, изјави еден од најбогатите Кинези, Џек Ма.