Недобивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, би предизвикало разочарување, но и последици врз имплементацијата на Договорот и врз исходот од референдумот, смета вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Во интервју за денешното издание на грчкиот весник „Realnews“, Османи вели дека доколку на претстојниот Самит на ЕУ не се донесе одлука за почеток на пристапни преговори ќе се разочараат сите што учествуваа во процесот и од двете страни.
– Сигурно ќе биде огромно уназадување во врска со дополнителното имплементирање на договорот, ставајќи го во опасност исходот од референдумот и дополнително ќе ја ризикува поддршката за предвидените уставни промени итн. Постои силна динамика за да имаме огромен, и би сакал да додадам, убедлив успех на референдумот на есен. Сепак, сите инволвирани страни, нашите соседи, земјите членки на ЕУ, НАТО, треба да останат на позитивната патека и да ја потврдат интегративната перспектива на земјата во ЕУ и НАТО што е во корелација со волјата на изборното тело и е најсилниот застапник на успехот на референдумот – вели Османи.
Во однос на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, веројатноста опозицијата да има промена на позицијата и сценариото за предвремени парламентарни избори, Османи вели дека за ДУИ изборите би имале позитивен резултат во однос на парламентарната моќ, но се малку очекуван чекор во однос на успешната интеграција во ЕУ и НАТО.
– Ние, како Влада и политичко мнозинство, имаме волја и решителност да ги преземеме сите неопходни политички одлуки и да ги направиме чекорите што се поврзани со успехот на процесот. Сигурни сме дека волјата на мнозинството од народот ќе влијае врз однесувањето на мнозинството пратеници, што ќе гласа во интерес на народот и на земјата – рече вицепремиерот.
Тој смета дека имплементацијата на Договорот ќе има позитивно влијание врз двете земји и изразува надеж дека Грција ќе стане нашиот најголем сојузник и поддржувач за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО.