Меѓувладината конференција, со која се означува и стартот на преговори со Европската Унија, е предвидена за декември, тоа е нешто за што е постигнат консензус во март, а поддршката ја даде и Бугарија, истакна денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој одговарајќи на новинарски прашањa ги изнесе своите очекувања, откако Бугарија излезе со објаснувачки меморандум до членките на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување не преговорите со Северна Македонија, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет.
Османи на прес-конференцијата со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија Гент Цакај, кој е во официјална посета на земјава, одговараше на тоа дали смета дека ова е ново условување, можеби прво да се реши прашањето за Гоце Делчев, па да почнат преговорите, можеби евентуална блокада, но и за тоа кои се следните чекори на Владата во однос на овие бугарски позиции.
Шефот на дипломатијата потенцира дека одржувањето на првата меѓувладина конференција, што е предвидено да се случи во декемрви, а со која се означува почеток на преговорите е веќе договорена работа, а не посебна одлука.
-Сметам дека меѓувладината конфренција не е посебна одлука од онаа донесена во март, повеќе ја интерпертирам како операционализација на донесената одлука. Советот постигна консензус во март вклучувајќи ја и Бугарија, таа даде унилатерална забелешка, но ја одобри одлуката за почнување преговори, чиј дел е одржување на меѓувладината конференција. Не треба да се наметне негативна динамика на притсоци. Сега е време да се воспостави добра интензивна комуникација на политичко ниво, но и во Комисијата, рече Османи.
Нагласи дека комуницираат со сите земји-членки по сите прашања и нивниот однос секогаш бил коректен, а тоа е дека преговарачката рамка не е платформа каде се билатерализираат односите меѓу земјите.
Додаде дека целата Влада, предводена од СЕП во овој процес работи во насока дека меѓувладината конференција ќе се одржи во декемри.
Нагласи дека Договорот за добрососедство се заснова на добра волја и взамено почитување, а Комисијата е фомирана на паритетна основа за да се најдат заедничките моменти на спојување на зближување.
-Целта не е негативна компетенција за наметнување на нашите наративи еден на друг, туку оттргнување на овој процес од стегите на политиката. Досега имаше резултати од таа комисија за околу пет, шест историски личности, договорени се начините за заедничко одбележување на нивното дело. Комисијата треба што поскоро да се состане, рече Османи, додавајќи дека логистички сега се остранети препреките кои настанаа поради коронакризата, но и поради изборите кај нас.
Во однос на Гоце Делчев, рече, изутринава прочитал дека најдобриот начин да му се оддаде почит е да се изгради автопатот Скопје-Софија, кој би се нарекол Гоце Делчев.
-Навистина сметам дека политиката и политичарите можат само да им пречат во обидот на историчарите и научниците да ги осветлат овие прашања кои се товар меѓу двете држави, рече Османи.
Во однос на тоа дали знаеле за бугарскиот меморандум, шефот на дипломатијата истакна дека како земја-кандидат ние не сме дел од официјалниот ланец на коресподенција меѓу земјите-членки, кои комуницираат на секојдневна основа по различни форми, со цел споделување на ставови, но и во обид да се вршат влијанија за донесување одредени одлуки.
-Нашата должност е преку секојдневните комуникации да ги осознаеме информациите, особено оние кои се однесуваат на нас. Целта на Договорот беше токму тоа да се воведе ред во овој хаос на комуницирање, кој беше во изминатите децении во однос на разликите меѓу двете земји, да се воведе рамка со која ќе се создадат две траектории, кои досега беа вкрстени и негативно влијаеа една на друга, појасни Османи.
Едната траекторија се економската, политичката културната соработка, а другата се различните толкувања на историските настани. Потенцира дека целта на Договорот е токму нивно одвојување, за да се ослободи напредокот на односите меѓу двете земји.
Цакај од своја страна пак, посочи дека затворањето на сите меѓусебни отворени прашања е во насока на зајакнување на регионалната безбедност. Нагласи дека Албанија и Северна Македонија имале одлична соработка на патот на интегрирањето во ЕУ и смета дека патот на двете земји е заеднички.
-Ставот на Албанија е дека таа го поддржува зачленувањето на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, одговори Цакај на прашањето каков е неговиот став во однос на најновата позиција на Софија.