Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој е и претседавач со ОБСЕ, објави план во девет чекори за деескалација и нормализација на тензиите на северот на Косово.
Планот, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, е во насока на постигнување траен мир и стабилност на северот на Косово и враќање на косовските Срби во институциите и демократските процеси.
Како прв чекор, планот превидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол.
Второ, Косово да ги повлече специјалните полициски сили, а Србија да ја намали борбената готовност на вооружените сили.
Трето, на полицијата на Косово, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на земјата.
Четврто, протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот, и воедно им се дозволува пристап на вработените во општините.
Чекор пет, градоначалниците да поднесат оставки до летото оваа година, отворајќи го патот за предвремени општински избори.
Чекор шест, предвремени општински избори да се одржат оваа година.
Чекор седум, ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи ја со тоа довербата меѓу заедниците.
Чекор осум, ОБСЕ ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување.
Чекор девет, ОБСЕ ќе ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот.