Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и вчера учествуваше на министерскиот состанок на Северно-атланскиот Совет на НАТО, кој поради рестриктивните мерки наметнати од пандемијата се одржа преку видео врска.
-Ние остануваме посветени на темите од клучно значење за Алијансата и како најнова членка ќе продолжиме да промовираме атмосфера и политика на регионална стабилност како клучен двигател за безбедноста и просперитетот на сите земји од Западен Балкан, истакна Османи, во своето прво обраќање пред колегите-министри на земјите-членки.
Османи истакна дека нашиот придонес ќе продолжи преку посветениот ангажман на Република Северна Македонија кон регионалната и глобалната безбедност, со директно учество во воените мисии предводени од Алијансата.
-НАТО 2030 – процесот на рефлексија, го гледаме преку визијата за поголема предвидливост на Алијансата после 2030, која ќе продолжи да ги спроведува своите клучни задачи и да ги одржува фундаменталните принципи и политики. Алијансата преку овој проект ја гледаме како инструмент кој ќе продолжи да се грижи за нашата безбедност и ќе ни овозможи натамошен просперитет и развој, потенцираше Османи, истакнувајќи ја значајната улога на Алијансата во актуелното безбедносно опкружување и справување со безбедносните предизвици на денешницата.