Отворен сум за комуникација да седнеме да разговараме, наш интерес е бугарската заедница да биде етаблирана, интегрирана и во одлични односи со сите други заедници во државата, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи за бугарскиот портал „Нова“.
– Јас мислам дека треба да се разговара со бугарската заедница, јас планирам да имам таков дијалог и со иницијаторите на клубовите да видиме што е целта. Ако е целта бугарската заедница да има свои организации и клубови за да се претставува, ако е идејата да се етаблира подобро буагрската заедница, или пак да се интегрира бугарската заедница во системот да се спречат евентуални дискриминаторски политики кон бугарската заедница, ајде да видиме кои се најдобрите начини тоа да се направи. Не мислам дека преку разгневување на јавноста ќе се постигне тоа, рече Османи.
Министерот зборувајќи за оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, нагласи дека МНР беше едно од првите кое реагираше и ги осуди тие настани.
– Тие настани ги сметавме за провокации кои се обидуваат да ги влошат односите, да ги киднапираат односите меѓу нашите две држави. Очекувам органите на државата, МВР да ги идентификуваат за да видиме кој точно стои позади тие пропвокации и кои се тие злонамерници кои се обидуваат да ги влошат нашите односи, рече Османи.
Министерот вели дека како Влада имале резерви по однос на името кое го има избрано тој клуб, бидејќи смета дека тоа е провокација за нашите односи.
– Така се перцепира улогата на овие историски личности во нашата држава. Но, независно кое е името и ставовите, никој во оваа држава не смее да биде предмет на напади посебно не на насилни. Ние имаме нула толеранција кон напади особено кон помалите заедници. Никој не го оправдува насилството независно кое е името, има начини како да се надминат тие разлики, чувството на провоцирање што го имаат нашите граѓани по однос на тие имиња. Има ново законско решение, може да разговараме со иницијаторите на тие клубови за да видиме како нивните идеи за отворање на клубови да ги претвориме во мостови на соработка. Насилството не може да биде одговор и барам државата најжестоко да реагира и мислам дека тоа го прави, рече Османи.
Тој ги оцени македонско-бугарските односи во последните недели како „афтер шокови“ на големиот земјотрес во односите кои ги имавме во последните две три години.