Северна Македонија и Бугарија бележат рекордно ниво на трговска размена, а постои уште поголем потенцијал за динамизирање на соработката во енергетиката, земјоделството, здравството. Во наредниот период мора да се посвети максимално внимание на поставените приоритети за целосното инфраструктурното поврзување на Коридорот 8, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи при денешната официјална посета на Софија.
Според Османи, за инфраструктурните проекти во изминатиот период немало доволно политичка волја и не е оправдување тврдењето за тешката географија. Поставените приоритети за поврзување, според него, сега веќе се гледаат на дело со работата на железницата, останатите планови во патната инфраструктура, договорот за гасното поврзување.
-Точна е констатацијата дека инфраструктурната поврзаност Исток – Запад е запоставена низ годините и децениите наназад. Некои тоа го оправдуваат заради тешката географија. Мислам дека новите технологии не познаваат тешка географија, туку веројатно немало доволно политичка волја да се создаде инфраструктурна поврзаност, патна, железничка и дигитална во поново време, па и енергетска поврзаност, Исток-Запад, односно Црно Море со Јадранско Море, рече Османи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега Николај Милков.