Османи прецизира: Добивме поддршка да го решаваме спорот, но нема да донесеме решение за името без референдум

by Фокус

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, најавува дека Македонија и Грција наскоро ќе го решат спорот за името, меѓутоа тој воедно нагласува дека евентуалното взаемно прифатливо решение не би било донесено без да бидат прашани граѓаните.

Османи синоќа во емисијата „Патот кон“ на теливизијата Алсат – М најави дека наскоро ќе се затвори спорот за името, истакнувајќи дека изминативе локални избори биле референдум за ова прашање.

– На овие избори ние го најавивме решавањето на името. Граѓаните ни ја дадоа поракатата – вие сте храбри, имате јасна визија каде треба да ја водите државата во наредните години – рече Османи.

Но, набрзо по емисијата тој на неговиот фејсбук профил напиша дека во жестината на дебата некои работи не ги објаснил доволно прецизно.

„Владата доби доволно политичка поддршка за да може храбро да влезе и во решавање на спорот за името. Но, тоа не значи дека евентуалното взаемно прифатливо решение би било донесено без за тоа да бидат прашани граѓаните, т.е., без референдум“, прецизираше Османи.

Сепак, тој не прецизира во која временска рамка може да се очекува затворање деценискиот проблем за името меѓу Македонија и Грција, од кој зависи интеграцијата на земјава во НАТО и ЕУ.

Поврзани новости