Политиката и Владата нема да се мешаат во судството, ниту да прават генерален реизбор на судии. Таму каде што се згрешило ќе има мерки, меѓутоа таа надлежност се дава на Судскиот совет како орган којшто врз основа на квалитативни и квантитативни критериуми ќе донесе одлука, изјави денеска вицепремиерот Бујар Османи.
„Интерпретирањето дека Владата или политичките партии ќе прават генерален реизбор на судии е погрешна интерпретација. Политиката нема да се меша во судството, ниту да прави генерален реизбор на судии. Ниту, пак, моделот којшто се објаснува дека ќе се користи, албанскиот модел на судии исто така не може да се имплементира затоа што секој систем е направен согласно условите на државата. Нашиот став е суштински реформи во судството, да. Таму каде што се згрешило ќе има мерки, меѓутоа таа надлежност се дава на Судскиот совет како орган којшто врз основа на квалитативни и квантитативни критериуми ќе донесе одлука. Меѓутоа, немешање на политиката и немешање на Владата, ниту на новото парламентарно мнозинство во тој дел. Судскиот совет во рамки на судството ќе треба да прави суштински реформи“, рече Османи на новинарско прашање пред состанокот на СЕП и Минситерството за правда посветен на имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9 во делот на правосудството.
Тој истакна дека спроведувањето на судските реформки е еден од клучните услови во политичкиот дел на критериуми кои Македонија треба да ги исполни за члненство во ЕУ, а со Планот 3-6-9 најголем дел од мерките, вкупно 13, се предвидени токму во областа на правосудството. Укажа и на новиот пристап на ЕУ, кој важи за секоја земја кандидат преговорите за пристапување да ги започнуваат и завршуваат со поглавјата 23 и 24 што се однесува на судството и основните човекови права.
Министерот за правда Билен Салији истакна дека Министерството за правда во рамки на своите надлежности веќе има формирано Совет за следење на реформите во правосудството и работни групи кои работат на донесување, односно унапредување на стратегијата во правосудството која се очекува Владата да ја донесе до октовмри годинава.