Османи: Пандемијата покажа колку сме ранливи како земји

by Fokus

Пандемијата на Ковид-19 покажа колку сме како земји ранливи и соочени со предизвиците, особен ние, земјите од Југоисточна Европа, но во исто време, пандемијата покажа дека имаме и волја и капацитет за европски пристап во справувањето со овие предизвици, преку ефикасна меѓусебна соработка, како и соработка со институциите на Европската Унија, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на редовниот министерски состанок на земјите членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).

Говорејќи на состанокот, посветен на изнаоѓање начини за поуспешно прилагодување кон новата нормалност во сегашниот и пост-Ковид-19 периодот, Османи посочи и на регионалните предизвиците кои следат, како овозможување на слободно патување на граѓаните и непречено одвивање на транспортот; зајакнување на трговијата и отворање на туристичките капацитети како сегмент на економската соработка, па се до размена на информации и најдобри практики во рамките на здравствените протоколи, и епидемиолошките сознанија.

– Како нова Влада, како највисок приоритет на нашата надворешна политика, ги поставивме добрососедските односи, со особен акцент кон интензивирање и поддршка на регионалната соработка, што соодветствува со темата и на актуелниов форум, истакна Османи, потенцирајќи притоа дека регионалната соработка треба да се гледа низ призма на и во насока на поддршка на политиката на проширување на ЕУ кон земјите од западниот Балкан, за што изрази надеж дека ќе остане приоритет на Унијата и во претстојниот период.

Поврзани новости