Скрининг процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика. Паралелно со тој процес се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот. Ова во интервју за француската телевизија „Франс 24“ го кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи зборуваше за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.
Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“, рече Османи.