Османи: Одиме кон ЕУ или остануваме во чекалната

by Фокус

Вратата на Европската Унија се отвора периодично, во одредени геополитички моменти, а процесот не бил лесен за ниту една земја, најмалку за нас бидејќи имавме билатерални пречки, но немаме алтернатива и затоа сега имаме сериозна шанса да бидеме во првата група држави што ќе влезат во ЕУ и пред нас е историска одлука за тоа дали ќе бидеме дел од оваа група, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“.

Според него, очигледно е дека се очекува нешто големо за Украина во однос на нејзината европска перспектива и отворање на брза патека, но и дека на сите им е јасно дека Брисел не може да стигне до Киев без да помине низ Западен Балкан.

-Мислите дека новата влада во Бугарија беше само производ на желбата на политичките партии или на сфаќањето на контекстот дека е сериозен и на крстосница?! Така што, ќе се отвори сериозна патека за Западен Балкан оваа година, пред сè поттикната и од потребата за Украина и руската агресија во Украина. Тука ќе биде прашањето за нас и ќе се расчистат две групи – една што влегува во брзата патека и втора група што чека подобар момент. Ние или ќе влеземе во групата со Србија, Црна Гора и Албанија или ќе останеме во групата со Босна и Херцеговина и Косово, кои сè уште имаат отворени прашања – рече Османи.

Според него, кога ќе се отвори првиот кластер, патот по кој ќе се движи земјата кон ЕУ е прав, иако и по него ќе има одредени пречки.

Прашан дали се разгледува опција за предвремени избори наесен ако не успеат да стигнат до двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени, Османи вели дека за такво нешто нема потреба, бидејќи наредната година следуваат регулари избори.

Поврзани новости