Земјите од Западен Балкан се подложни на хибридни влијанија од трети земји со кои се поткопува стабилноста на регионот, како и напорите за градење јасен пат кон европските и евроатлантски интеграции. Притоа, поддршката од САД и ЕУ е од клучно значење за надминување на предизвиците со кои се соочуваме, рече mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на Минхенската безбедносна конференција се обрати на панелот „Иднината на Западен Балкан – предизвици и можности за ЕУ и Трансатлантската алијанса“.
Во обраќањето, Османи ја реафирмираше заложбата за продолжување на реформските процеси, но и примена на принципот за градуален пристап кој треба да биде базиран на заслуги.
-Идното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од значаен економски и безбедносен интерес и за регионот и за Унијата. Концептот ‘Повеќе интеграција пред полноправно членство’, е комплементарен со Планот за раст за Западен Балкан при што, покрај подобрувањето на демократските процеси, економската и безбедносна состојба на земјите од Западен Балкан, би придонел и за значително унапредување на отпорноста и зајакнување на заедничкиот одговор кон споделените предизвици, истакна Османи.