Министерот за надворешни работи, Бујар Османи пред европратениците рече дека „Република Северна Македонија покажа дека и во регион како Балканот полн со предрасуди, државите можат да бидат и функционални мултиетнички демократии“.
Османи истакна дека тоа што ги разликува државниците од политичарите е фактот дека државниците од Северна Македонија мислат за идните генерации, наспроти политичарите кои мислат само за следните избори.
„Државата има цел да изгради совршен однос кон сите заедници без разлика на нивната бројност, каде сите граѓани без разлика на својата етничка припадност ќе имаат ист третман, но истовремено е потребно да се создава соодветна атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои сред Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Договорот со Бугарија и договорот со Грција и Охридскиот рамковен договор се трите столба на евроатланска Северна Македонија. И јас се гледам себе си како чувар на трите договори. Јас уште еднаш пружам рака дека во Северна Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројни“ – рече Османи.
Нагласи дека уставните измени ќе значат и формално можност за интегрирање на бугарската заедница.
„Почнува првата средба на Комисијата за уставни измени и со тоа почнува јавната дебата за уставните измени. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон Европската Унија, но тоа нема да можеме да го направиме сами. За тоа ќе ни треба поддршка. Поддршка од вас во смисла на вбризгување кредибилитет во процесот”, рече Османи.