Османи: Очекувам наскоро Македонија да се приклучи во Јадранско-Јонскиот регион

by fokus

Евроинтегративниот процес на Македонија, членството во Јадранско-Јонскиот макро регион, билатералните односи меѓу Македонија и Италија, биле дел од темите на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи со генералниот директор на Директоратот за Европската унија при Министерството за надворешни работи на Италија, Џузепе Бучино.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Османи изразил благодарност за досегашната поддршка на Италија за евроатланската интеграција на Македонија и го поздравил ставот на Италија дека процесот на проширување на Европската Унија нема да биде завршен се додека сите земји од Западен Балкан не се приклучат на големото европско семејство.

– Сега, откако Грција и официјално потврди дека нема да го спори нашиот влез, очекувам набрзо да се приклучиме на Италија и на останатите земји во Јадранско – Јонскиот макро регион, истакнал Османи на средбата, потенцирајќи ја притоа важноста на меѓусебната соработка на земјите од Западниот Балкан, која и сега се одвива под засилено темпо низ останатите иницијативи како што е и Берлинскиот процес.

Во текот на разговорот, Османи се осврнал и на позитивниот Извештај на ЕК за состојбите и напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, кој покажа дека Република Македонија успешно ги адресира ургентните приоритети, дека е надмината политичката криза, и дека земјата е вратена на нормалниот демократски колосек.

Тоа, нагласил Османи, заедно со чистата препорака за почеток на преговорите, претставува поттик за државава да остане фокусирана на реформите и посветена на евроатлантската агенда.

– Испорачавме реформи, онака како што предвидовме во Планот 3-6-9, создаваме политичка клима со која ги затвораме и отворените политички прашања, а имаме значително подобрување на односите со соседите. Нашата цел е јунскиот Совет на ЕУ да ја потврди препораката на Европската Комисија и Македонија да започне преговори, истакна Османи.

На средбата била отворена и темата за билатералните односи, при што соговорниците констатирале дека меѓу Република Македонија и Република Италија нема отворени политички прашања, и дека тоа претставува потенција за унапредување на меѓусебната соработка.

Поврзани новости