684
Нема нов догоговор со Бугарија, туку зајакнување на меѓусебната комуникација на сите нивоа, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој преку својот Фејсбук профил се огласи во врска со вчерашните тврдења изнесени од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека на средбата со Захариева во Софија добил предлог за нов договор, налик на Преспанскиот, кој ќе подразбира уставни измени и со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 година до денес.
-Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство, ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот, нагласи шефот на дипломатијата.
Османи истакна дека посета на Бугарија била позитивна, бидејќи се отвориле сите прашања, се зајакнала меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмирала заедничката желба и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Северна Македонија.
-Тоа јавно го истакнав и јас во Софија, а го потврдија и премиерот Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас, нагласи Османи во својата објава на Фејсбук