Ден Дончев е недостапен за антикорупционерите, Трпеноски јавно го повикува да дојде во Комисијата

by Фокус

Поранешниот директор на Фондот за здравствено и инвалидско осигурување, Ден Дончев, да дојде во Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси за да ги даде бараните податоци околу приливите на средства со кои се стекнал додека ја вршел функцијата, јавно повика антикорупционерот Горан Трпеноски, кој го води предметот отворен по пишувањето на Фокус дека Дончев примил пари од австралиска компанија кои притоа не ги пријавил во анкетниот лист.

-На 14-ти мај 2020 година, ДКСК отвори предмет во врска со наводи дека лицето Данаил Дончев се има стекнато со приливи додека вршел јавна функција. Со цел обезбедување дополнителни информации, Комисијата во два наврати, односно на 8-ми јули и 15-ти август годинава се обрати до Дончев и во двата наврати од страна на „Македонска пошта“ лицето Данаил Дончев е известен, но пратката не е побарана. Бидејќи не е достапен, го повикам јавно да дојде во Комисијата и да ги даде бараните податоци – вели Трпеноски.

Инаку, неделникот Фокус во март годинава објави дека Управата за финансиско разузнавање го известила Обвинителството за организиран криминал дека Дончев примил околу 3 милиони денари од компанијата регистрирана во струмичко Муртино за интернет-портали „Ремаркет“, која пак се финансирала исклучиво од австралиската компанија „Мегантик“. Притоа, Дончев објаснуваше дека средствата ги добил во вид на плата за консултантски услуги што ги давал за австралиската компанија, кои, како што посочи, ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок.

Од австралиската компанија „Мегантик“, пак, тогаш велеа дека оваа трансакција била дел од исплатите за консултантски услуги кон екс директорот на ФЗО во периодот од 2013 до 2018 година, со тоа што, истакнаа од таму,  само во 2018 година му исплатиле на Дончев средства преку македонската компанија, бидејќи тој тогаш бил во Македонија. Меѓутоа, набргу потоа Фокус објави нова сторија за овој случај, во чии рамки беа обезбеди нови сознанија, според кои Дончев и во 2019 година примил пари директно од австралиската компанија во износ од 80.000 австралиски долари.

–Во претходните 20 години, не е прв пат да се води истрага од државните органи против мене. Притоа, без разлика кој бил на власт и кој ја водел таа истрага, било констатирано дека се сум работел според законот – изјави тогаш Дончев, категорично отфрлувајќи било каква категоризација дека со овие примања станува збор за перење на пари. Во меѓувреме, Обвинителството информираше дека води истрага за Дончев и уште неколку лица по кривична пријава за злоупотреба на службена должност и уцена. Од таму посочуваа дека чекаат својата работа да си ја завршат и истражните органи како Министерството за внатрешни работи, од каде пак вршеа проверки во компанијата „Ремаркет“.

Исто така, предмет отвори и Антикорупциската комисија, бидејќи Дончев како јавен функционер не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по овој основ. Според Член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Сепак, Дончев засега е недостапен за антикорупционерите, па од таму јавно го повикуваат да се појави во Комисијата.

Влатко Стојановски

Поврзани новости