Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изрази благодарност за португалското претседателство со ЕУ поради тоа што не стави високо во нивните приоритети во претседавањето. Смета дека не треба денеска преку медиуми да се зборуваме за деталите на португалскиот предлог.
-Вчера дојдоа овде со предлог финално решение за надминување на разликите меѓу нас и Република Бугарија. Се случува тој предлог и во услови кога ние и билатерално воспоставивме комуникација и работиме на враќање на довербата. Деновиве двајцата претседатели ќе патуваат заедно за Ватикан. Во меѓувреме се договориме со бугарското Министерство за надворешни работи заеднички, неколку амбасади, низ неколку главни града во светот, заеднички да го одбележуваме Денот на Св.Кирил и Методиј и да продолжиме со имплементација на чекорите на секторска соработка, бидејќи како што често кажувам во услови на недоверба и најмалите проблеми изгледаат ненадминливи, во услови на доверба сите прашања може да се решаваат, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање.
Многу е важно, како што рече, и паралелно да ја создадеме таа доверба меѓу нас и еве ја испраќаме таа порака на соработка и градење на доверба на прифаќање на Договорот за добрососедство како основниот начин за надминување на разликите помеѓу државите. Тој Договор, како што рече, го разбираме како обврска наша во нашите билатерални односи меѓутоа и за нашиот европски пат.
-Сите предлози коишто ќе ја зајакнат таа доверба во имплементација на Договорот, во обврските на двете страни да го имплементираат Договорот мислам дека се дел од решението. Не мислам дека денеска преку медиуми треба да зборуваме за деталите на португалскиот предлог. Констатиравме дека е добра основа, да се продолжат овие разговори во деновите што доаѓаат. Реално роковите се кратки. Денес сме точно 30 дена пред одржување на Советот за општи работи на 22 јуни, а имајќи ги предвид другите тела коишто заседаваат порано тоа се ефективни две до три недели во коишто сите треба да се ангажираме, сите треба да се мобилизираме, бидејќи јас се сложувам дека јунскиот Самит е неповторлива можност која што ни се нуди, изјави Османи.