Нови наставни програми: Националната припадност Македонец ќе се сведе на етничка припадност

by fokus

Министерството за образование и наука ги усвои наставните програми за прво и четврто одделение според новата концепција. Наставните програми веќе се објавени на сајтот на Бирото за образование и наука.

„Фокус“ ја праша професорката по историја од Институтот за национална историја, Катерина Тодороска за свое мислење за новата наставна програма по предметот „Историја и општество“ за четврто одделение. Таа смета дека програмата е несоодветна на возраста на учениците. Потоа, некои од темите побаруваат претходно знаење кое го немаат, а следно е што учениците ќе добијат „инстант“ дигитални учебници, најверојатно изготвени од истите автори на наставната програма, смета Тодороска.

-Многу интересен е и ставот на изготвувачите на Наставната програма кои во тeмaта: МОЈАТА ДРЖАВА, за која предвиделе 36 часа навеле неколку резултати . Имено, „Ученикот/ученичката ќе биде способен/способна да: 1. ги наведува и опишува важните настани од минатото кои се значајни за создавањето на современата македонска држава, 2. го идентификува Скопје како главен град и ги опишува неговите карактеристики, 3. прави разлика меѓу најзначајните државни институции, 4. го објаснува мултикултурниот/мултиетничкиот и граѓанскиот карактер на државата. Ученикот/ученичката ќе развива: 5. почитување за различните етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, 6. идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија.
Првото прашање кое секој читател на оваа програма би си го поставил е: Зошто предметот се нарекува Историја и општество, кога во неа историјата е максимално маргинализирана, напати извулгаризирана, дури би рекла и исмеана, вели Тодороска.

Таа додава дека второто прашање би било: Дали по совладувањето на наставниот материјал учениците ќе развијат идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија?

-Според напишаното во наставната програма за која зборуваме тоа значи дека националната припадност Македонец ќе се сведе на етничка припадност, но националната припадност веќе се заговара како граѓанин на Република Северна Македонија. Со тоа, јасно е дека забетонираните националност и јазик, попримиле вода и се разводниле. За крај, ќе повторам дека во  објавената „Наставна програма предметот „Историја и општество“ за IV одделение“ има се‘ и сешто, а најмалку историја. Вакава каква што се нуди наставната програма е иновација на хибридниот систем кој образованието го сфаќа како процес на клонирање на ликови под нивниот интелектуален капацитет, заклучува Тодороска.

Инаку, наставната програма има три теми кои ќе ги обработуваат учениците:

-Моето опкружување
-Средината во која живеам
-Мојата држава

За совладување на оваа наставна програма се предвидени два часа неделно или 72 часа годишно. За темата „Мојата држава“ се предвидени 36 часа.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости