Бугарските институции постапија професионално и обезбедија мир на семејствата на загинатите, бидејќи имаше премногу шпекулации, што дополнително ги оптоваруваше емотивно, коментира за бугарската НОВА ТВ министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Османи коментира дека ова е уште еден знак дека сме блиски пријатели, и во добро и во лошо и треба да си помагаме.
Османи ги отфрли теориите дека трагедијата на автопатот Струма била исценирана за да се натера Бугарија да каже „да” на Северна Македонија на патот кон ЕУ.
– Независно од фактот што тоа беше потешко, со оглед дека во период од една година три пати имаше избори, не беше формирана влада и имаше привремена влада, ние бевме во постојана комуникација со преодната влада на Бугарија. Во последниот период имавме три директни средби меѓу експертите. Разменивме белешки, документи, ставови, мислења и така ќе продолжиме и во иднина.
Се надевам дека побрзо ќе се формира редовен кабинет и институции за да можеме да ставиме крај на овој спор кој ја држи во заложништво не само нашата европска перспектива, туку и целиот регион, а заложник е пријателството меѓу нашите две земји,рече министерот Османи.
Мислам, рече Османи, дека е во интерес и на Бугарија и во интерес на Северна Македонија и на целата Европска Унија побрзо да се стави крај на ова прашање, кое, како што вели „непотребно ги труе нашите билатерални односи”.