Иван Кондов – службениот министер за надворешни работи на Бугарија вчера на заедничкиот состанок во Брисел на министерите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со колегите од Западен Балкан реагирал дека во Македонија има државно спонзориран говор на омраза, еднострани провокативни акции и кршење на човековите права.
Според информациите, тој известил дека има списоци на бугарски државјани, вклучително и членови на Европскиот парламент, на кои не им е дозволен влез на територијата на државата.
Кондов по состанокот имал средба со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи на кој разговарале за изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“, што тој ја даде минатата седмица.
Кондов за бугарските медиуми со изјави дека добил објаснување од Бујар Османи.
„Тој се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но, јас го го поставив прашањето – зошто во таква ситуација е посочена Бугарија, а не конкретниот политичар на кој се однесувало тоа“ – рече Кондов.
Османи, пак, по состаноците во Брисел Фејсбук објави дека побарал забрзување на интеграцијата.
„Добро утро. Вчера во Брисел, заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Австрија и воопшто на ЕУ, го промовирав концептот „Повеќе интеграција пред членството“ напиша Османи.
Бугарското МНР во своето соопштение наведе дека неформалниот ручек со министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан беше посветен на соработката на ЕУ со регионот на полето на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и поддршката на Унијата за зајакнување на отпорноста и безбедноста на земјите од регионот, нивниот капацитет за справување со хибридни и сајбер закани, дезинформации и несакано странско влијание и мешање во сегашниот сложен геополитички контекст, борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, со организиран криминал и илегална миграција.