На билатералните прашања нема да се дозволи да има посебно поглавје, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за Телма. Рече и дека историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот, но и оти португалскиот предлог е основа за решение на спорот со Софија.
-Мене ми е најважно да се утврди дали има политичка волја пред да пристапиме кон конкретни прашања, конкретните решенија и документи. Засега не гледаме политичка волја во Софија. Во моментот кога ќе видиме сигнал дека таму има политичка волја тогаш ќе влеземе и во тие разговори како понатаму во однос на конкретнире предлози, вели Османи.
Прашан дали МНР ќе бара од Законодавниот дом да одлучи дали да се продолжи процесот, Османи рече дека рамките на македонската поизција ги исцртува веќе изгласаната Декларација во Собранието.
-Мислам дека Собранието има изгласано Декларација која ги исцртува рамките на нашата позиција. Доколку би се излегло од тие рамки се разбира дека би барале амин од Собранието. Сѐ додека сметаме дека сме во рамки на декларацијата, мислиме дека имаме мандат да продолжиме да разговараме, рекол Османи.