Вицепремиерот, Бујар Османи, вели дека меѓу обвинетите за 27 април има и такви кои се колатерална штета и кои не биле свесни што ќе следи. Според него има простор за простување, но, додава Османи, така што не би се промовирала неказнивоста.
Помирувањето не значи помилување, не значи амнестија како што беше сфатено. Обврска на премиерот е да ја покрене, да ја лансира идејата дека државата има потреба од помирување и ајде да ги видиме примерите, какви примери има во светот, коишто можат да бидат добра пракса, а ние можеме да ја имплементираме. Но, реков дека во тој процес на помирување не смее на ниеден начин да се промовира принципот на неказнивост на тие што се директно вклучени во насилство или организатори на насилство и тоа се тие црвени линии кои ги кажуваме во тој процес. Но доколку има добри практики во светот за помирување за настани од сличен карактер, дајте да ги разгледаме, државата сега има потреба од тоа, но никако тоа нема да го направиме надвор од линиите што ги поставува ЕУ – вели Османи во интервју за „Радио Слободна Европа“.
На прашањето дали има простор на обвинетите пратеници да им биде простено, тој одговара:
-Нека се разговара, доколку има такви моменти кои се колатерална штета на една погрешна кауза, а за тоа биле несвесни во моментот кога тоа се случило, а има таква пракса во светот, да го разгледаме и да видиме и се разбира дека тоа ќе биде во консултација на нашите меѓународни партнери. Претпоставувам дека таму имало луѓе кои што биле колатерална штета и не биле свесни дека ќе следи еден таков процес и едноставно се нашле таму. Доколку има простор за такво нешто мислам дека треба да се разговара – вели Османи.