Заслужуваме одлука за почеток на преговори, но сепак за тоа ќе кажат земјите членки на ЕУ, а државата треба да остане фокусирана посебно на законот за обвинителство за што е потребен национален консензус. Политичките партии да ја сфатат неповторливоста на моментот, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Османи, кој изминатиот период беше во посета на неколку држави членки на ЕУ, потенцира дека е потребно власта и опозицијата заеднички да работат на почеток на преговорите и оти е многу важен консензусот за законот за јавно обвинителство.
– Очекувам сите во Европа да бидат свесни дека 15 октомври не е обичен датум на кој на еден од самитите ќе се донесе одлука за една држава. Историски ден од многу аспекти, затоа што е неповторлива шанса да се даде порака и да се овозможи внатрешните процеси да продолжат во правецот во кој се започнати. Историска можност да се даде регионална порака дека овој е единствениот безалтернативен пат на земјите и политичарите во регионот. Историска можност ЕУ да го одржи кредибилитетот во регионот и кај луѓето кои живеат овде, свесни дека ова не е обичен самит, туку самит од чија одлука ќе зависат многу прашања во регионот, изјави Османи по настанот „Шар Планина како европска еколошка вредност“.
Тој е оптимист дека одлуката ќе биде позитивна, а, како што вели, очекува тој процес да почне идната недела во германскиот Бундестаг.
– Задоволен сум што добив покана од претседателот Шојбле да бидам присутен кога ќе се донесе одлуката во Бундестагот и тоа ќе го постави тонот на одлуките на другите држави. Се разбира, овие 24 дена работиме со сите земји-членки. Импресијата од посетите е една и единствена дека Република Северна Македонија е извонреден случај на земја која ги има исполнето сите задачи што и се дадени и поставени од Европската унија. Се зависи од тоа како ќе се постави Унијата, а не од фактори кои зависат од нас, истакна Османи.
Прашан што доколку земјата не добие датум за преговори, Османи со став дека не очекува такво решение и оти доколку се случи такво нешто, тогаш последиците ќе бидат многу посериозни.
– Сите прашања се премали во однос на другите последици што може да ги има негативниот одговор кој не го очекувам и нема да се случи. Сметам дека дневно-политичките прашања се најмалата колатерална штета што може да се случи. Последиците се многу посериозни во внатрешните стратешки прашања на државата, но и регионалните и целата поставеност на ЕУ. Јас мислам дека ќе има датум. Таква е атмсферата. Зборуваме хипотетички, доколку би немало позитивен одговор, тогаш прашањето е што ќе прави ЕУ, а не што ќе прави Владата, вели Османи.
Апелира прашањето на европската интеграција да не се сведува на дневно-политички прекупувања, додавајќи дека мора да има сплотеност по однос на стратешките прашања за државата.
– Датумот не е прашање ниту на Владата, ниту на опозицијата. Тоа е прашање на државата на кое работеле сите влади, и претходната, и сегашната. Не смееме прашањето на европската интеграција да го сведеме на дневно-политички препукувања. Мора да има сплотеност по однос на стратешките прашања и нема никогаш да се пуштам во дебата која предизвикува различни ставови меѓу опозицијата и позицијата, вели Османи во врска со констатацијата на пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ дека е можен некаков квази датум. МИА