Ние немаме формално добиено предлог, треба кај нас да стигне како кандидат откако Унијата ќе усогласи став.
Се разбира, јас имам начин како да имам пристап до тој документ, правиме анализа, но, ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Османи додаде дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните, и како што рече би сакал да може да каже нешто повеќе.
– Меѓутоа, тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став, рече тој.
Османи истакна дека по Бугарија и ние ќе го кажеме нашиот став.
– Очекувам разбирање, правиме анализа на секој збор, на секоја реченица, но сметам дека треба да ја испочитуваме процедурата, да чекаме како ќе се изјаснат 27 земји членки, односно 26, имајќи предвид дека Франција има дистрибуирано свој став, посочи тој.