Османи како „Прле пред магаре“ ги поддржа САД во судирот со Русија, треба да покажеме воздржаност, порачува Спасов

by fokus 11:15
11:15

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи води политика којашто може да се нарече „Прле пред магаре“ во судирот меѓу САД и Русија, Македонија треба да покаже и мала воздржаност во услови кога Русија нѝ дава вакцини и чекаме уште вакцини, порачува професорот Ѓорѓи Спасов, поранешен министер и амбасадор, на својот Фејсбук профил.

Османи на својот официјален профил на Твитер напиша: „Сeверна Македонија целосно ги поддржува и стои солидарно со САД во преземањето мерки со кои се одговара на дестабилизирачките активности на Русија против САД и нашите сојузници. Засилувањето на нашата колективна безбедност е наш приоритет“.

- Advertisements -

-И веројатно од САД и од НАТО како систем на колективна безбедност од нас како најнова членка, таков став и поддршка бил побаран или очекуван. Но, лично мислам дека нашата земја има право, а би било и мудро, во овие моменти кога се заострува судирот меѓу САД и Русија да покаже и мала воздржаност. Да не заборавиме дека нашите војници кои се дел од таа колективна безбедност беа вакцинирани со вакцината Спутник, донација од Русија. Нашата земја очекува 200 илјади вакцини исто така од Русија, во време кога немаат доволно и за сопственото население. А во такви услови, една мала земја како Македонија, па макар и членка на НАТО треба да има сила да каже, дозволете нѝ да покажеме благодарност и кон Русија и не не вовлекувајте во вашиот моментален судир со сила. Имаме право на мала воздржаност. Вие можеби по средбата меѓу Путин и Бајден ќе се смирите, но Русите нема да заборават што сме им кажале, пишува Спасов.

Тој ја нотира и реакцијата на руската амбасада која му одговори на Османи на твитер. – Ќе ја имаме предвид македонската солидарност која се темели врз недокажани наводи за руски активности. Веруваме дека приоритетите треба да рефлектираат и да кореспондираат со заедничките закани и предизвици. Вакви изјави ни малку не помагаат во јавната заложба на Македонија да ги подобри односите од заеднички интерес со Русија, реагираа од амбасадата.

– Не знам дали вакви изјави како на Османи имаат дадени и министрите на Грција и на многу постари членки на НАТО од Македонија, но ми се чини дека ова е политика која може да се нарече: „Прле пред магаре“ и која не води сметка и за други, исто толку важни приоритети на граѓаните од Македонија, додава Спасов.

Поврзани новости