Османи: Изјавите на Макрон и Мишел не се контрадикторни, има можност за прием на нови членки и пред 2030 година

by Fokus

Министерот за надворешни работи Бујар Османи од француските претставници на стратешкиот самит што се оддржа во Блед во Словенија добил објаснување дека изјавите за проширувањето на ЕУ од францускиот претседател Емануел Макрон и од претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел не се контрадикторни и дека има можност за прием на нова или нови земји членки во ЕУ и пред 2030 година.

Од самитот во Блед Мишел изјави дека ЕУ треба да се подготви за примање на нови членки до 2030 година, а истиот ден Макрон изјави дека ЕУ треба да се реформира пред да прима нови членки и зборуваше за „Европа со повеќе брзини“.

„Јас имав состанок и ги прашав зошто две наизглед контрадикторни изјави меѓу двајца важни лидери на Европската Унија. Одговорот беше дека Макрон не мислел на слоеви, туку на брзини. Дека ако Македонија е подготвена може да стане членка и пред 2030 година, дека нема ан-блок да влезат сите земји. Ако е така, а јас ѝ верувам на француска министерка за Европа. Доколку не демантира, тоа е друго прашање, засега мислам дека треба да сме задоволни со изјавата на Шарл Мишел и тоа треба да ни биде точка водилка“, изјави денес Османи на прес-конференција.

Француската министерка за Европа, Лоренс Бун, за ставот на Париз во однос на проширувањето говореше и на една од панел-сесиите на Бледскиот стратешки форум, каде што исто така кажа дека проширување на ЕУ може да се случи и пред 2030 година. Но, она што е потребно, рече таа, се реформи во самата ЕУ и кај земјите кандидати.

„Сега сме 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35 најбрзо што може. Знам дека Шарл Мишел рече 2030 г., но дури можеби и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси. Но, и земјите кандидати да се реформираат. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да сме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Мислам дека тоа се нашите задачи“, рече вчера Бун.

На прашањето за пораката која вчера стигна од Европската комисија дека Комисијата не е фокусирана на датумот, туку на соработката со земјите кандидатки и подготовката за нивно членство во Унијата, Османи кажа дека ЕК не ја демантира изјавата на Мишел, бидејќи тоа се две различни институции, со различен мандат.

„Европскиот совет се земјите-членки, тие што носат политички одлуки, Европската комисија е друго нешто. Комисијата проверува објективно дали ги исполнуваме критериумите, тие немаат политички мандат. И затоа комисијата вели: политичките одлуки ги носите вие – земјите-членки, за мене е важно кој ги исполнува критериумите, бидејќи јас давам извештај. Така што Европската комисија не ја демантира пораката на Шарл Мишел, само вели вие одлучете како сакате – за тајмингот, за мене е само важно дали сте ги исполниле критериумите бидејќи двете институции гледаат различни перспективи од проширувањето“, рече Османи.

 

 

Поврзани новости