Мора да го прекинеме овој циклус на насилство и провокации од двете страни и да ја наметнеме нашата позитивна агенда што двете влади се обидуваме макотрпно да ја изградиме, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи од Софија, каде заедно со бугарскиот колега Николај Милков, го посетија нападнатиот македонски државјанин од Охрид, Христијан Пендиков.
Османи рече дека институциите во Северна Македонија ќе го расчистат инцидентот, а бугарската заедница ќе биде почитувана и ќе ги има сите права, слободи и привилегии како секој друг граѓанин и другите заедници што живеат во земјата. Воедно, апелираше да престанат провокациите од двете страни.
-Прво, ние нема да дозволиме негирање на бугарската заедница, како што нема да дозволиме негирање на макеоднскиот народ. Затоа, сакам да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат и да укажам дека секое доаѓање во Северна Македонија со цел навреди и негирање на македонскиот народ, ќе мораме серизоно да го адресираме. Тоа да биде последно доаѓање во РСМ, значи за двете прашања ќе мора подеднакво – рече Османи.
Бугарскиот министер Милков рече дека атмосферата на неказнивост не смее да се толерира и дека Бугарија инсистира да се откријат и казнат напаѓачите на Пендиков.
-Христијан Пендиков настрада поради неговите идеи, човек со кауза што ја брани. Ситуацијата не смее да продолжи вака. Бугарија цврсто инсистира сторителите на ова и други слични дела да бидат казнети. Тука сум, исто така, за да кажам не на враќањето на тие црни традиции кои историски се поврзани со Македонија на насилие, такви нешта немаат место во Европа и ние сме исклучително загрижени. За жал, работите не одат добро. Како што гледате, има ескалација, Хриситјан продолжува да добива закани по интернет кои се грозни и нема да ги цитирам – истакна Милков.