Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со министерот за екомонија Крешник Бектеши, во рамките на работна посета на Брисел остварија средба со Кристијан Даниелсон, генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување на која ја претстави содржината на новиот реформски План 18.
Османи, како што соопшти прес-службата на СЕП, на средбата изразил задоволство од имплементацијата на Планот 3-6-9, особено неговата валоризација во еден од најпозитивните извештаи за Република Македонија, кој беше придружен со чиста и безусловна препорака за преговори од страна на Европската комисија.
– Владата има цврста определба да ја задржи реформската агенда на врвот на листата приоритети и по завршувањето на имплементацијата на Планот 3-6-9, за што, Секретаријатот за европски прашања презеде обврска и изготви нов реформски план за 2018 година, чија реализација треба да заврши со излегувањето на новиот извештај на Европската комисија на почетокот од следната година, изјавил Османи.
Тој потенцирал дека Планот 3-6-9 создаде солидна основа и подготовка за имплементација на суштинските и долгорочните реформи во насока на приближување на нашето општество со европското, при што, Планот 18 претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска координација и следење на имплементацијата на овие реформи.
Во овој контекст Османи додал дека во новиот реформски план влегуваат сите забелешки и сугестии нотирани во Извештајот на Европската комисија, а истиот ги зема предвид и насоките кои се содржат во шесте водечки иницијативи на Стратегијата на ЕК.