Претседателскиот кандидат на европскиот фронт Бујар Османи смета дека балансерот како алатка за правична застапеност во јавните институциии е најдоброто нешто што ни се случило. Барањето од одредени партии тој да се тргне, како што вели, е чиста албанофобија и обид да се одмазди еднаквоста која се постигнува во државата.
– Балансерот е еден од суштинските инструменти на Рамковниот договор, бидејќи Уставот вели дека демографската реалност треба да се претстави во јавните институции – рече Османи во интервју за ТВ Телма.
Според него, процесот на интегрирање на Албанците во институциите требало да се одвива заедно со процесот на Македонците во текот на 75 години.
– Албанците беа исклучени од тој процес. Во 2002 година беа само 0,2 проценти во државните и јавните институции. И ние, процес што требаше да трае 75 години, го компензиравме за 25 години – нагласи Османи.
Тој во интервјуто ги демантира информациите дека неговата матична партија ДУИ имала иницијатива да го врати во земјава поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и оти тој лично имал средба со него во Будимпешта.
-Целиот страв од Груевски е страв во главите на ВМРО-ДПМНЕ, поради нивните внатрешни битки. Јас пред скоро време дознав дека тие биле во некакви си ривалски односи внатре во партијата – рече Османи, кој во моментов ја извршува и функцијата министер за надворешни работи.
ДУИ, додава тој, нема никаков интерес да го врати Никола Груевски.
– Тоа повеќе е страв во ВМРО-ДПМНЕ дека новото раководство сè уште не е доволно етаблирано во нивната структура. И кога имате страв, секогаш создавате консирации – нагласи Османи.