Османи: Бугаризација се прави со земање бугарски пасош, а не со споменување на Бугарите во Уставот

by Fokus

За ниту едно од 35. поглавја, Договорот и Протоколот со Бугарија не е услов за отворање и затворање на поглавјата. Договорот со Бугарија е само во општиот впечаток за добрососедските односи, но за тоа не се гласа во Европската Унија. Нема да има ниту писмен извештај од страна на Европската комисија во однос на степенот на реализација на Договорот со Бугарија, рече шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите

Според него, сè друго е пропаганда за да се исплашат граѓаните додека се изложени на процес на „пасошизација“. Османи рече дека се сомнева дека радикалите од двете држави имаат некој премолчен договор.

„И сега некој ќе ми каже дека со спомнувањето на Бугарите како посебно малцинство во Уставот ќе се бугаризира државата, а не со земање пасоши со кои сами се пријавувате дека по потекло сте Бугари. Затоа сум кажал дека често се сомневам оти меѓу радикалите од двете држави има некој премолчен договор – ние ќе ја задржиме државата да не напредува, а вие продолжете со својата мисија за бугарски пасоши“, изјави Османи.

Тој рече дека со секое доцнење за членство во ЕУ една група македонски граѓани добиваат бугарски пасош, а за да го добијат треба да одат во Софија и да се пријават дека се Бугари по потекло и да обезбедат стан во кој живеат.

„Најнепатриотски и најштетен чин кон државата е нашиот пасош да биде подреден на бугарскиот пасош. Овој процес на пасошизација е најголемата платформа за бугаризација“, рече Османи на денешната прес-конференција.

Поврзани новости