Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во вечерашното гостување на ТВ 21 објасни што се случувало откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференцијата по лидерската средба рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати да влезе во владата, но во неа да не биде ДУИ.
Османи рече дека тоа било и за него изненадување, а откри и дека му се јавил на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој бил на состанок и ја немал слушнато изјавата на Мицкоски.
-Му кажав дека Мицкоски прифаќа уставни измени, но има еден услов – ДУИ да биде надвор од Владата. Тој се насмеа и ми рече: Прифаќаме веднаш. И тоа е нормално, затоа што ние работиме со месеци, за да земјата оди напред. И кога видовме дека Мицкоски после сите протести смени став, ние се изненадивме и да бидам искрен, тука Мицкоски докажа дека е политичар од 3-та или 4-та лига, кој политиката ја гледа како игра со кибрити и не знае дека пред него стои Али Ахмети кој политиката не ја гледа како игра. Али Ахмети цел свој живот го има посветено на напредок на земјата во ЕУ, рече Османи.