Кривичниот суд во Скопје денеска им изрече ослободителна пресуда на петмина обвинети во повторената постапка за случајот „Шпион“. Судот ги ослободи од обвинение Миќо Насковски за делата „измама“ и „уцена“, Марјан Маџовски за „уцена“, Горан Стојков и Цветан Дамјановски „за недозволено чување и поседување оружје“ и Ѓорги Хаџимицев за делото „послужување во службата“.
Судијата Владимир Туфегџиќ, образложувајќи ја пресудата рече, дека судот особено ги ценел изјавите од оштетените дека не се чувствуваат оштетени и не поднеле оштетно побарување од обвинетите за „уцена“ и „измама“, додека за делото „недозволено чување и поседување оружје“ образложи дека во изнесените докази имало недоследности за околностите на задолжување и раздолжување на оружје на припадниците на МВР.
Застапници на обвинението се поранешните јавни обвинители од СЈО, Стефчо Донев и Елизабета Јосифовска.
Сускиот процес пред овој судечки совет е започнат во јануари 2018 година. Закажани биле 19 главни претреси, а одржани 11. Судијата Туфециќ, нагласи дека поради не појавување на неколку рочишта и не доставување на медицинска документација, постапката е раздвоена против обвинетиот Марјан Ефремов.
Според обвинителството, екс разузнавачот Марјан Ефремов бил организатор на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди.
Претходно денеска, се одржа рочиште на раздвоената постапка против обвинетиот Зоран Божиновски, на која обинителството и одбраната изнесоа завршни зборови. Пресудата е закажана за 11 февруари 2020 година.
Одбраната, во завршен збор, рече дека очекува ослободителна пресуда за овој „обвинителен акт започнат далечната 2009 година врз основа на претпоставки и паушални наводи и хипотези“, кој се водел со многу прекршувања во постапката и без да се даде ниту еден материјален доказ, за што обвинетиот без пресуда минал 777 дена во притвор во соседна Србија, врз основа на отворена меѓународна потерница за делото.
Обвинетиот Божиновски, во завршен збор, рече дека не бил соочен со ниту еден доказ и дека целиот предмет бил спакуван од СЈО без да се дозволи увид во доказите.
– На ниту едно од повеќе од 80 рочишта не добив увид во ниту еден материјален доказ против мене и обвинителството цело време се повикува на таму некаде изведени докази и дадени изјави. Не видовме ниту еден мој спорен навод за напишан текст. Повикаа сведоци за кои велеа дека се уценувани од мене, а не покжаа дека се оштетени. Барам ослободителна пресуда, изјави Божиновски.
Обвинителството, во завршен збор, рече дека биле изнесени докази со кои се потврдил обвинителниот акт и поврзаноста на Божиновски и Ефремов во делото „шпионажа“, додека делото делото „уцена“ останува во обид и не е потребно да настане штета, бидејќи не успеале да го добијат парите од Минчо Јорданов и Драган Даравелски.