Руските сили го ослободија градоначалникот на градот Мелитопол, кого го заробија минатата недела, соопшти денеска шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак. Според властите тој бил разменет за деветмина руски војници, заробени во Украина.
„Градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, е ослободен од руско заробеништво“, објави Јермак на социјалните мрежи.
Украина соопшти дека руските сили го киднапирале Федоров минатиот петок.
Во видео што синоќа на Телеграм го постави заменик-шефот на кабинетот на Зеленски, украинскиот претседател разговара со Иван Фјодоров, му честита за неговото спасување и го уверува дека Украина не го напушта својот народ. Од спротивната страна, градоначалникот му одговори дека ќе му требаат ден-два да се врати на работа. Како одговор, Зеленски рече дека не може да „вети два дена“, но го охрабри градоначалникот да се одмори.
Заменик-шефот на кабинетот на Зеленски, Кирил Тимошенко, во посебна објава рече дека спасувањето на градоначалникот дошло по „специјална операција“.
„Ви благодарам што не ме напуштивте. Ќе ми требаат ден-два да се опоравам, а потоа ќе ви стојам на располагање да придонесам за нашата победа“, рече тој.
Даша Заривна, портпаролка на претседателската администрација, доцна синоќа изјави за украинската телевизија дека Фјодоров бил заменет за деветмина заробени руски војници на возраст од 20 и 21 година.
– Тоа се главно деца, војници, кои, според руското Министерство за одбрана, не се наоѓаат во Украина, потенцираше Заривна.
Градоначалникот на Днипро, друг град во јужна Украина, исто така беше киднапиран во неделата, што предизвика силна осуда од Европската унија.