Оштетените штедачи на Еуростандард: Да се каже кој е вклучен во криминалот во банката?

by Fokus

Здружението на оштедени штедачи на Еуростандард банка смета дека при затворањето на Еуростандард банка е направен криминал. Тоа го заклучуваат, како што велат од надзорната расправа во Собранието. Тие бараат правдата да биде задоволена со казни за организаторите на криминалот, а нивните пари да им се вратат во целост.

-Повеќе излагачи го потврдија овој неспорен факт за којшто има и цврсти докази лесно достапни на истражните органи и органите за прогон. Едноставно, не е можно 149 фирми или 72,6 отсто од кредитното портфолио на правни лица во банката да имаат ултра ризични и ненаплатливи кредити во вкупен износ од околу 55 милиони евра, а да не се работи за добро осмислен и спроведен криминал почнувајќи од 2013 година па наваму, наведуваат во соопштението од Здружението.

Според Здружението на оштетени штедачи тој криминал е започнат, организиран, спроведен и развиен од лица на раководни позиции во Еуростандард банка.

-Раководните лица од управниот, кредитниот и надзорниот одбор од банката заедно со избраните фирми каде се слевале ненаплатливите кредити се директни учесници, главни виновници и одговорни за организираниот криминал. Тие се оние кои го оркестрирале целото злосторство што ги остави доверителите, граѓани и фирми, без своите средства доверени во банката, појаснуваат од Здружението.

Тие додаваат дека тоа го признал и главниот сопственик и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на банката, Трифун Костовски.

-Тој јавно и отворено ја призна својата лична вина и одговорност за сторениот криминал и потврди дека е спремен и очекува да одговара за тоа. Го спомена и неговиот постар син и долгогодишен раководител на кредитниот одбор за физички и правни лица во банката, Коста Костовски, кој е исто така виновен и одговорен за сторениот криминал. Неговиот татко истакна дека тој наводно бил наивен и изигран од поранешниот претседател на управниот одборНиколче Петковски за да одобрува и потпишува високо ризични и ненаплатливи кредити делени на одбрани фирми, наведуваат од Здружението.

Според Здружението во тој криминал е соучесник и Народната банка бидејќи увидела дека банката дава сомнителни кредити , а не реагирала никакви мерки. За тоа од Здружението бараат одговорност од гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Здружението ја обвинува централната банка дека давала инсајдерски податоци на функционери и ја споменуваат поранешната министерка за финансии Нина Ангелоска која пред затворањето на банката ги повлекла своите заштеди.

Од Здруженито велат дека расправата покажала дека звучни имиња во државава се учесници во криминалот, а тие се дел од сегашната и минатата власт.

Како резултат на сето тоа, заклучуваат од Здружението на оштетени штедачи физички и правни лица, останаа без своите пари, ограбени, омаловажени, излажани и злоупотребени.

Задоволни се, како што додаваат, што и Уставниот суд ќе ја испитува уставноста и законитоста, како и укинувањето на членот 163 став 3 од Законот за банки со којшто се дава приоритет за целосна исплата на стечајната маса на државниот Фонд за осигурување на депозити, со што се прави нееднаквост и дискриминација кон сите останати депоненти од стечајната маса.

Здружението на оштетени штедачи бара да се открие вистината до крај и да се задоволи правдата.

-Криминалците и крадците да одговараат, а нашите пари да ни се вратат во целост. Веруваме и ќе се бориме за остварување на нашата конечна цел, наведуваат во соопштението од Здружението.

Поврзани новости