Апстрактни слики со ликовите на Тоше Проески, Мистер Бин, Мадона, Салвадор Дали, Никола Тесла, Мерил Стрип, Никола Гологовац, Алберт Ајнштајн, Боб Марли и Џони Дип под кои се испишани нивни популарни цитати, денес се поставуваат во Валандово, во новиот мал парк.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов вели дека интересната идеја била на општината, односно на младиот архитект Ѓоко Аврамски, со цел посетителите на паркот секојдневно од цитатите да добиваат мотивација и инспирација за убави гестови.
-Сакаме градот да добие нов, урбан простор. Деновиве интензивно се работи на паркот, веќе се поставени нови, дрвени клупи за седење, ќе бидат поставени и нови корпи за отпадоци, а се работи и на доизградба на автобуската постојка. Во тек е и хортикултурното и партерно уредување на јавната површина, која се наоѓа на аголот од улиците булевар „Првомајска“ и улицата „Моша Пијаде“. Архитектот на општината, Аврамски, го проектираше паркот кај автобуската, а исто така ги избра и фотографиите на познати личности со нивни инспиративни цитати. Ќе бидат поставени десет фотографии – ни изјави Костадинов.
-Имагинацијата е позважна од знаењето. Знаењето е ограничено. Имагинацијата го опкружува светот. -Ако вашата омраза може да се претвори во електрична енергија, ќе го осветли целиот свет. -Сиромав е човекот чие што задоволство зависи од дозволата на друг – се само дел од мудрите мисли кои ќе го красат паркот во Валандово. -По одреден временски период ќе се менуваат сликите, ќе се поставуваат нови цитати од други познати личности. Замислата ни е еден вид на галерија на отворено – ни раскажа Костадинов.
Вики Клинчарова